• понеделник, 23 декември 2024

Во Делчево заврши младинскиот летен камп во организација на Регионалниот центар за застапување

Во Делчево заврши младинскиот летен камп во организација на Регионалниот центар за застапување

Делчево, 27 август 2024 (МИА) - Во организација на Регионалниот центар за застапување, во Делчево се одржа традиционалниот младински летен камп. 

На кампот кој годинава се одржа кај комплексот Езеро Сандански, како што информираше координаторот Родне Деолска, годинава учествуваа 30 млади лица од Делчево и регионот на возраст од 15 до 20 години. 

-Се наоѓаме на езерото Сандански каде четврта година по ред се организира летниот младински камп. Кампот во минатите години се организира на планината Голак, но овојпат решивме да направиме мала промена, поради прекрасните услови за кампинг кои ги имаме овде на езерото. Имаме млади од Делчево и претставници од невладини организации од М.Каменица и Пехчево. Тие учествуваа на сесии кои имаа за цел промовирање на волонтеризмот и сите добри вештини кои треба да го обликуваат младиот човек, рече Деолска.

Активноста е дел од проектот „Надвор од границите - Обединети за промена"  поддржан од Амбасадата на САД во Скопје, чии претставници денес ги посетија камперите, земајќи учество во дел од активностите предвидени со проектот.

Меѓу темите кои беа обработени на младинскиот камп годинава беше и темата за пожарите, кои ова лето и претходните години го зафатија регионот и државата. 

За таа цел како што додаде Деолска, годинава претставници на ТППЕ Делчево, пред волонтерите ја презентираа својата противпожарна опрема.

-Идејата е да е да го развиеме оној дух на превенција, да се вклучат, да волонтираат. Тоа е секогаш она што го правиме преку нашите проекти, вклучувајќи го и овој камп. Имавме и крафт катче, во кое изработуваа свои изработки, имаа можност за хајкинг преку пешачење на блиските места за разгледување на природни богаства, имаа и летно кино, сами си спремаа храна и сл. Баш како што трeба да доликува еден камп, додаде Деолска.

За младиот Максим Такев овие неколку дена биле доста интересни бидејќи научиле нови вештини кои ќе им користат понатаму во животот.

-Научивме нови нешта како на пример како се мести шатор, потоа ловевме риби, правевме оригами навечер. Исто така ги разгледавме возилата, дознавме како се гаси пожар што ми се виде доста комплицирано, истакна Такев.

Младинскиот летен камп е последна активност кој Регионалниот центар за застапување во изминатите неколку месеци го реализираше како дел од проектот Надвор од границите - Обединети за промена. вс/сст/

Фото: МИА

Остани поврзан