• петок, 12 јули 2024

Во гаснењето на пожарот во неготинско рано наутро ќе се вклучат армиски хеликоптер и ер тракторите

Во гаснењето на пожарот во неготинско рано наутро ќе се вклучат армиски хеликоптер и ер тракторите

Неготино, 11 јули 2024 (МИА) - Кризниот штаб на Општина Неготино по одржаниот состанок доцна вечерва повторно побара поддршка од воздух за гаснење на пожарот на планината Серта. 

Градоначалник Горан Стојанов вечерва информираше дека се утврдени активности за утрешниот ден, коишто ќе започнат во раните утрински часови. 

- Во текот на утрешниот ден во утринските часови ќе има распоредено екипи на ТППЕ Неготино и Кавадарци. Тимови за заштита и спасување од пожари на Дирекција за заштита и спасување ќе располагаат со соодветна механизација. Од ЦУК е побарана воздухопловна поддршка со хеликоптер, а од МВР постојан надзор на терен со дополнителни интервенции за евакуација, доколку има дополнително потреба за тоа, изјави Стојанов. 

Од Центарот за управување со кризи вечерва информираа дека рано наутро околу 7 часот ќе интервенира армискиот хеликоптер со големо ведро, а околу 10 часот се очекува да се приклучат и два или три Ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување.

- Благодарение на денешната одлука на Владата со која се надмина повеќемесечниот проблем со пилотите на авионите, околу 10 часот ќе му се придружат два или три Ер трактори на ДЗС, се наведува во информацијата од ЦУК.

Пожарот избувна завчера околу 10.30 часот по што Советот на Општина Неготино одржа вонредна седница и беше формиран Штаб за заштита и спасување. свд/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан