• понеделник, 04 март 2024

Во Битола се одбележува годишнината од Битолскиот конгрес и Ден на албанската азбука

Во Битола се одбележува годишнината од Битолскиот конгрес и Ден на албанската азбука

Битола, 21 ноември 2023 (МИА) - Висока државна делегација предводена од претседателот на Република Албанија Бајрам Бегај, заедно со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пратеникот и лидер на ДУИ Али Ахмети и почесниот албански конзул во Битола Имер Селмани, престојуваа во куќата каде што пред 115 години се одржа Битолскиот конгрес, собир на кој се унифицира албанската азбука.

Во изјава за медиумите, албанскиот претседател Бајрам Бегај истакна дека во Битола престојува со посебно задоволство, затоа што тоа е градот на албанската азбука, градот каде што се удрени темелите на албанскиот јазичен идентитет.

-Во нашата историја има посебни датуми кои што оставиле голема трага, а овој ден, 22 ноември 1908 година е посебно одбележан во историјата на албанскиот народ. Нашите преродбеници пред 115 години, без разлика на верата, нивното потекло или нивната политичка ориентација пред нивниот личен интерес го поставија националниот интерес, се здружија токму во Битола и не само да има унифицирана абецеда, туку и да донесат политичка одлука за идејата за дооформување на албанскиот народ. Во Битола официјално беа 50 делегати, но тие беа многу повеќе, и мажи и жени од сите краишта, кои на крајот одлучија азбуката да биде со латинично писмо. Тоа значи дека нашите преродбеници пред 115 години биле големи визионери бидејќи се одлучија за латинично писмо и за нашата европска ориентација. И, затоа денеска, денешниот пат е во тој дух, нашиот пат е европски пат како што се залагале нашите предци пред 115 години, истакна Бегај.

Почесниот албански конзул во Битола Имер Селмани најави градот да стане туристичка атракација, место кое во текот на целата година ќе го посетуваат албанци од сите краишта каде што живеат.

-Во Битола пред 115 години е унифицирана албанската азбука, прифатени се латинични букви и почна е една голема ренесанса или преродба на албанците ширум Балканот. Денеска со големата идеја на преродбениците сите народи на Балканот работиме и живееме во Европа и не само од формален аспект, туку затоа што тука е нашата иднина, иднината на нашата генерација. Ние ги сакаме европските вредности и европскиот стандард. Како Почесен конзул на Албанија во Битола посакувам не само во ноември, туку во текот на целата година Битола да биде дестинација на туризмот, дестинација во која од Косово, од Албанија, од Прешево, од Црна Гора, од секаде каде што живеат Албанци, да дојдат во Битола, да го посетат Музејот, да ја почувствуваат космополитска Битола и нејзиниот дух од минатото, животот и соживотот на денешницата. Тоа е најдобро како за Битола така и генерално за нашата држава, но и соседството, истакна Селмани.

Во пресрет на 22 ноември Ден на албанската азбука, во Битола се одржа поетско читање, концерт, научен собир, а беше промовиран и нов галериски простор во НУ Музеј на албанста азбука.мт/

Фото: МИА

Остани поврзан