• вторник, 30 април 2024

Во Битола промоција на монографија и изложба на уметнички дела од Јордан Манасијески

Во Битола промоција на монографија и изложба на уметнички дела од Јордан Манасијески

Битола, 14 декември 2023 (МИА) - Македонско научно друштво-Битола, во соработка со КИЦ Битола и Галеријата Букефал од Охрид, организираат промоција на монографско издание и изложба на уметнички дела од ликовниот уметник Јордан Манасијески.

Промоцијата на монографијата е закажана за вечер од 18 часот во Свечената сала, а изложбата во Кристалната сала на Офицерскиот дом во Битола.

За монографијата и сликарот ќе зборуваат ликовниот критичар и графичар Владо Ѓорески и ликовниот уметник Панде Петровски, како и уредникот на монографијата Љупчо Жупан, соопштија од МНД-Битола.

Монографијата посветена на големиот македонски уметник Јордан Манасијески од Охрид, чиј автор е проф.д-р Владимир Величковски е екслузивно издание од 480 страници - тврд повез, со преку 300 репродукции во боја и двојазичниот текст на македонски и англиски јазик. Со тоа таа има енциклопедиско значење, особено што содржи критички осврти од повеќе историчари на уметност, како што се  Салваторе Русо, Италија, Рути Такер, САД, Санда Станачев Бајзек од Хрватска, Драган Јовановиќ Данилов, Србија, Бисера Валева, Бугарија и од македонските критичари и вљубеници во уметноста Никола Николовски, Зекман Ракиповски, писателите Киро Донев, Трајан Мартиновски и новинарот Милчо Јованоски. Подготовката на монографијата траеше повеќе од шест години. Техничката подготовка и графичкиот дизајн го изработи Боби Ќосев, а уредник на монографијата е неговиот долгогодишен промотор во светот Љупчо Жупан, информираа од МНД-Битола.

На вечерашната свеченост, ликовниот уметник Јордан Манасијески ќе биде промовиран и како редовен член во Македонското научно друштво Битола, кое е најстарото научно друштво во нашата земја, основано во 1960 година. мт/вг/

Фото: МНД-Битола

 

Остани поврзан