Во Битола одбележан 4 Ноември 1944 – Ден на ослободување на градот
- Општина Битола со гости од државата и странство, синоќа со свечена академија го одбележа 4 Ноември, денот кога во 1944 година градот беше ослободен од фашистичка окупација.
Битола, 5 ноември 2023 (МИА) - Општина Битола со гости од државата и странство, синоќа со свечена академија го одбележа 4 Ноември, денот кога во 1944 година градот беше ослободен од фашистичка окупација.
Според востановената традиција, на свечената академија градоначалникот Тони Коњановски информира за постигнатите резултати на локалната самоуправа во изминатиот период, а комисијата за доделување на награди и признанија ги соопшти годинешните лауреати, меѓу кои и наградата за животно дело која му беше врачена на Димче Миновски (81 г.), новинар во пензија.
-Во текот на мојот живот имам добиено безброј награди и признанија, меѓутоа ова што вечерва ми се случува навистина е нешто што никогаш нема да го заборавам. Сите во животот правиме чекори, но во разни чевли. Но, покрај чекорењето, најважното е какви траги ќе оставиме зад себе, а јас мислам дека оставив зад себе некои траги со пишувањето на книгите и она што го имам сработено во работниот век и како пензионер. Сакам да им порачам на помладите колеги да пишуваат, но и останатите кои се доволно стручни во своите дејности. Наградата секако е поттик и мотивација за продолжување со работа, истакна Миновски, спортски новинар кој иако навлезен во деветтата деценија од живот, денес соработува со битолскиот портал Битолањус.
На синоќешната свеченост во Битола, годишни награди за постигнувања во струката добија Здружение на пијанисти и мизчки педагози „Пијано“, Јован Стефановски, научен работник, Гордана Такец, писателка, Фанче Јошевска, доктор на науки, и НУ Народен театар-Битола. мт/ев/
ФОТО: МИА