Во Битола одбележан Денот на примирјето од Првата светска војна
- Примирјето во Европа и светот денес е најпотребно од кога било затоа што војната повторно се врати во Европа, истакна амбасадорката Дрекслер на комеморација што се одржа на француските воени гробишта во Битола.

Битола, 10 ноември 2023 (МИА) - Амбасадорите на Германија, Петра Дрекслер и на Франција, Сирил Бомгартнер, градоначалникот на Битола Тони Коњановски и претставници на конзуларни претставништва во Битола, го одбележаа 11 ноември, Ден на примирјето од Првата светска војна и Ден на народната жалост.
Примирјето во Европа и светот денес е најпотребно од кога било затоа што војната повторно се врати во Европа, истакна амбасадорката Дрекслер на комеморација што се одржа на француските воени гробишта во Битола.
-Веруваме во силата на помирувањето, а тоа денес е неопходно потребно и најмногу од кога било. Војната повторно се врати во Европа, а насилство гледаме насекаде во светот. Затоа потребно е помирување најмногу од кога било. Помирувањето е многу важно и може да започне и на начин што ќе ја подадете раката, што ќе соработувате заедно, а младите да соработуваат во различни земји. Тоа важи како за Франција и за Германија, така важи и за цела Европа, но и државите на Западен Балкан бидејќи има многу места каде што луѓето се жртви на војната и на насилството, посочи амбасадорката Дрекслер.
Важноста на примирјето ја истакна и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер кој вчера и денеска учествува на повеќе настани во Битола.
-Во Битола минувал источниот фронт и тука се бореле бројни армии, вклучително и француската армија. Во денешново време што го живееме, во време кога има војна во Европа, оваа комеморација, Ден на примирјето има посебно значење, истакна амбасадорот Бомгартнер и додаде дека еден од начините за добра соработка е културната соработка која синоќа во Битола беше манифестирана со изложбата „Париски рефлексии“ со дела на македонски сликари инспирирани од Франција.
Цвеќе на споменикот на француските воени гробишта во Битола положи и градоначалникот Тони Коњановски кој во изјава за медиумите истакна дека на Денот на примирјето се оддава почит и на Македонците кои го загубиле својот живот во Првата светска војна.
-Како Град страдалник кој претрпел големи разорувања во Првата светска војна тука сме да оддадеме почит и да се потсетиме на сите што го дале својот живот. Но исто така, да искажеме почит и на паднатите Македонци, жители на Битола кои живееле во тоа време, истакна градоначалникот Коњановски.
Денот на примирјето и Ден на народна жалост се одбележува во спомен за сите мртви, ранети, исчезнати и раселени лица, за жртвите на насилство и ранети лица од сите војни и сите народи. мт/ев/
ФОТО: МИА