• петок, 05 декември 2025

Во Белгија приведени две лица во врска со истрагата за злоупотреби при јавни набавки во НАТО  

Во Белгија приведени две лица во врска со истрагата за злоупотреби при јавни набавки во НАТО  

Брисел, 15 мај 2025 (МИА) - Белгиската полиција приведе две лица во рамки со истрагата за корупција при склучување на договори за јавни набавки за купување воена опрема за НАТО, соопшти денеска Федералното јавно обвинителство на Белгија.  

Според Обвинителството, по сослушувањето на двете осомничени лица, на едното истражен судија му изрекол мерка притвор, а другото е пуштено на слобода. 

- Истрагата се фокусира на можни неправилности во склучувањето договори со изведувачи на одбранбени услуги за набавка на воена опрема, како што се муниција и беспилотни летала за потребите на НАТО, соопшти белгиското Федерално обвинител. 

Според извори во Обвинителството, како што јави дописникот на МИА од Брисел, со случајот на кој се однесува истрагата се поврзани неколкумина поранешни вработени во Агенцијата за национална безбедност и набавки (НСПА) на НАТО. 

Јавното обвинителство на Луксембург, каде и што се наоѓа седиштето на НСПА, соопшти дека полицијата извршила „повеќе претреси“ во земјата и дека запленила документи поврзани со случајот. 

Белгиските медиуми наведуваат дека покрај во Белгија и Луксембург, истрагата се спроведува и во Шпанија, како и дека таа е поврзана со друга постапка што ја водат правосудните власти во Холандија во соработка со Евроџаст. 

Истрагата ја потврди и НАТО, посочувајќи дека се приведени „неколку осомничени“ и дека истрага за случајот со јавни набавки најавиле властите во Белгија и Луксембург. 

- Органите за спроведување на законот во неколку земји уапсија неколку лица обвинети за коруптивни активности поврзани со договорите на НАТО, изјави портпаролката на Алијансата, Алисон Харт. 

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска во Анталија, каде учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на Алијансата, одби да ја коментира истрагата, посочувајќи дека Пактот целосно соработува со надлежните органи со цел заеднички да се реши ова прашање. 

- Сакаме да стигнеме до коренот на ова. Како НАТО не прифаќаме никаква форма на какво било кршење на законските принципи. Очигледно не можам да кажам ништо повеќе за ова, бидејќи сега се е во рацете на судските власти, додаде Руте. 

Истрагата ја иницирала самата НСПА под сомнеж дека нејзини поранешни и актуелни вработени им давале доверливи информации на одредени компании за да им овозможат да ги добијат договорите на тендерите за набавки на НАТО. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан