• недела, 22 декември 2024

Водостопанство Кавадарци нема да ги зголеми цените за воден надомест за наводнување на земјоделските култури и површини

Водостопанство Кавадарци нема да ги зголеми цените за воден надомест за наводнување на земјоделските култури и површини

Кавадарци, 10 октомври 2023 (МИА) - Цените за воден надомест за наводнување на земјоделските површини и култури остануваат исти и непроменети во однос на минатогодишните цени и цените од претходните години, информираа денеска од АД Водостопанство на РСМ Скопје, Подружница ,,Тиквеш" Кавадарци.  

- Зголемување на цените за воден надомест за наводнување на земјоделските култури ќе нема. Водокорисниците кои користеле вода за наводнување по гравитационен пат и од пумпните станици, за извршената услуга ќе ги добијат досегашните исти цени, информираа од Подружницата „Тиквеш". 

Оттаму нагласија дека  редовно извршуваат снабдување со вода за наводнување и останати потреби за водокорисниците. Во моментов се обезбедува вода за наводнување за потребите на градинарски и индустриски култури. Истовремено се работи на реализација на капитални инвестиции во инфраструктурата за наводнување. 

- Во тек е реализација на проектот за рехабилитација и модернизација на пумпна станица Марена, проект вреден 63.336.000 денари, со средства обезбедени од Програмата за водостопанство, со што продолжуваат континуираните инвестиции и подршка на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство на земјоделците. Предвидено е проектот целосно да биде завршен до крајот на 2023 година. Со реализацијата на овој проект значително ќе се намалат трошоците за електрична енергија за работа на пумпната станица и подобри квалитетот и сигурноста во снабдувањето со вода на земјоделска површина од 1.200 хектари за водокорисниците од реоните на Марена, Тимјаник, Глишиќ, Сопот, Курија, Долни Дисан и Неготино, појаснија од „Тиквеш". 

Од подружницата на Водостопанство додадоа дека инвестициите во водостопанската мрежа  ќе продолжат и во иднина. Притоа потсетија дека за сите потребни информации, водокорисниците можат да се обратат во нивните простории.  свд/цр


Фото: МИА  архива

Остани поврзан