• недела, 22 декември 2024

ВМРО-ДПМНЕ: Се докажа дека создавањето етнички тензии, како таа пред Уставен, е за спас на криминалците од ДУИ и СДС

ВМРО-ДПМНЕ: Се докажа дека создавањето етнички тензии, како таа пред Уставен, е за спас на криминалците од ДУИ и СДС

Скопје, 13 декември 2024 

ДУИ се демаскирани, прочитани и поразени. На ДУИ веќе никој не им верува. Од ДУИ се откажаа и стратешките партнери САД, како и нивните членови и поддржувачи.

Само ДУИ и Али Ахмети не се откажуваат од Артан Груби, кој поради криминал и влијание во судството се најде на црната листа на САД.

За Артан Груби, Ахмети му се спротивстави и на САД. По ставањето на црната листа на Стејт департментот, Ахмети не се дистанцираше од Груби, не го исклучи од партија и не го разреши од партиските функции. Со тоа директно и отворено му се спротивстави на САД, на чија правда и демократски вредности постојано се повикуваат.

Повлекувањето на Артан Груби од јавниот живот не е доволно. Тој треба да сноси одговорност за сторените кривични дела и да ги врати на државата украдените пари.

Воедно, Груби сам не ги правел криминалните дела, со него сигурно има соработници како од ДУИ така и од СДС со кои седум години заедно владееле, како на пример Али Ахмети. Имено, Груби постојано во јавните настапи потенцираше дека ништо не правел без знаење и одобрување на Ахмети.

Не може Артан Груби да се сомничи за криминал и корупција, а Али Ахмети и останатите да се чесни. Тој имал и соучесници и сите тие треба да одговараат пред лицето на правдата.

Сите соучесници на Груби од ДУИ и од СДС треба да одговараат и за сето она што им го направија на македонските граѓани, како на Македонците така и на Албанците. Заедно со СДС ги користеа и злоупотребуваа за нивни цели и за остварување на нивните амбиции за стекнување милиони врз нивниот грб.

Седум години го испокрадоа народот и од немаштија го натераа да се иселува за тие да уживаат во луксуз од украдените милиони.

СДС и ДУИ седум години го окупираа судството и ниедна одлука не смееше да се донесе без нивно одобрение. Раководствата на овие партии, посебно Артан Груби, што се покажа и со случајот со судијата Енвер Беџети, најмногу влијаеше на судските одлуки.

И во однос со Уставен суд, и СДС и ДУИ добро знаеја дека ништо нема да се случи и дека нема да се донесе никаква одлука, затоа што сите девет судии ги избрале токму тие, но сепак се одлучија да прават политички циркус. Тој циркус им беше за создавање на атмосфера на етнички тензии и за дефокусирање од нивните криминали кои почнуваат да излегуваат на површина.

Се докажа дека создавањето атмосфера на етнички тензии, како таа пред Уставен, е за спас на криминалците од ДУИ и СДС, како Артан Груби. Но, прочитани се и никој не им верува и сите обиди за избегнување одговорност ќе им бидат залудни. Одговорност за сторените криминални дела ќе има.

Центар за комуникации с јавност на ВМРО-ДПМНЕ

_____________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан