• недела, 24 ноември 2024

ВМРО-ДПМНЕ за интервјуто на Агелер: Не е соодветно да коментираме изјави на нашиот стратешки партнер, уште на самиот почеток покажавме што ќе биде наш фокус

ВМРО-ДПМНЕ за интервјуто на Агелер: Не е соодветно да коментираме изјави на нашиот стратешки партнер, уште на самиот почеток покажавме што ќе биде наш фокус

Скопје, 30 јуни 2024 (МИА) - Не е соодветно од наша страна да коментираме изјави на нашиот стратешки партнер со кој Македонија гради соработка веќе изминатите три децении, но она што е клучно е испратената порака дека се потребни навистина важни разговори од кои сите инволвирани страни ќе имаат корист, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева, прашана за ставот на партијата во однос на интервјуто на американската амбасадорка Анџела Агелер, во кое вели дека „нема одново преговори ниту за Преспа, ни со Бугарија за ЕУ“.

Одговарајќи на новинарски прашања во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Митева нагласи дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ уште на самиот почеток покажала што ќе биде наш фокус - растот на економијата, нови инвестиции и подобар животен стандард на граѓаните.

- Владата на ВМРО-ДПМНЕ уште на самиот почеток, првите пет дена на дело покажа што ќе биде наш фокус. Тоа е растот на економијата, нови инвестиции, а се со цел подобар животен стандард на граѓаните. Не е соодветно од наша страна да коментираме изјави на нашиот стратешки партнер со кој Македонија гради соработка веќе изминатите три децении, но она што е клучно е испратената порака дека се потребни навистина важни разговори од кои сите инволвирани страни ќе имаат корист. Фокусот на оваа влада е реформски. Потребни се брзи реформи со цел враќање на реномето и угледот на нашата држава Македонија, затоа што се досега од страна на СДС и ДУИ беше погазено и уништено, изјави Митева. 

Американската амбасадорка Анџела Агелер, во интервју за Радио Слободна Европа, порача дека „нема одново преговори ниту за Преспа, ни со Бугарија за ЕУ. Тие договори се веќе направени, нема одново преговарање за напредок кон ЕУ“.

- Да бидам многу јасна, Договорот од Преспа беше апсолутно историски за државата. Знам дека беше исклучително тешко за многу луѓе во државата да прифатат промена на името. Но тоа беше меѓународен договор, со кој тогашната влада и многу во меѓународната заедница се согласија. Ние секако бевме дел од тој процес и ние аплаудиравме. Тоа е нешто што и помогна на Северна Македонија, сега да влезе во НАТО, и доби многу можности за да напредува во Европската Унија. Бевме многу задоволни што новиот премиер и неговите министри кажаа “Северна“ во заклетвата.Тоа е од клучна важност и е фундаментален дел од Договорот. Сега многу внимателно ќе следиме како се почитува. Но како што веќе кажав и кажавме дека со почитување на Договорот од Преспа, што е клучно, и секако има начин, и приоритетот за нас во Скопје, во Американската амбасада и за Вашингтон, е да се премине на многу од тие многу важни приоритети за кои треба да се зборува оваа земја. Чувствувам дека има одредено количество на одвлекување на вниманието и собирање поени од тоа кој и што и кога кажал. Но важно е да се почитуваат меѓународните договори, за кои премиерот кажа дека ќе го стори и да одиме напред и да ги имаме многу важните разговори, изјави Агелер.

Прашана што треба да очекуваат македонските граѓани и кои треба да бидат приоритетите, Агелер вели дека ја следеле земјата во периодот на кампањата и на изборите кои беа фер и демократски. аа/бт/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан