• недела, 22 декември 2024

Владика Петар: Очекувам да добиеме томос од Вселенската патријаршија, но без условувања

Владика Петар: Очекувам да добиеме томос од Вселенската патријаршија, но без условувања

Скопје, 11 март 2024 (МИА) - Очекувам дека ќе добиеме томос и од Вселенската патријаршија, но ако во тој томос има условувања тоа за нас нема да биде прифатливо, истакна митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар во изјава за Студио 10 на ТВ 24.

Тој даде објаснувања за неколку актуелни прашања поврзани со Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија, особено во однос на одлуката за оформување комисија за проучување на статусот на Православната црква во Украина, која доби томос за автокефалност од Цариградската патријаршија, а истата комисија ќе го проучи и проблемот со именувањето на нашата со елинофонските цркви.

- Доколку Цариградската Патријаршија сака да ни даде томос, а јас сакам што побргу да ни даде томос, меѓутоа тоа да биде без условувања, инаку за нас не би бил прифатлив таквиот томос. Треба да посочиме дека тоа не може да се прифати од свештенството, епископите и верниците од нашата црква, за тоа сме се изјасниле сите, во полниот состав на синодот, вклучувајќи ги епископите од поранешната ПОА. Унисон, едномислен и едногласен е ставот, расправано на три седници дека не се откажуваме од името Македонска Православна Црква, единствено што дозволуваме е двојна формула, вели митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски.

Тој потсетува и дека претходно беше кажано дека интерно може да се користи името Македонска Православна Црква.

Владиката Петар вели дека во процесот се повеле од постапките на други помесни цркви дека треба да се користи дипломатското искуство на постарите цркви. -И затоа, како што е наведено и во томосот што го добивме од СПЦ, името на нашата црква во комуникацијата со елинските цркви нема да може да биде МПЦ и за таа цел ние формиравме Комисија за разгледување на ова прашање, рече владиката Петар.

Во однос на украинското црковно прашање, тој смета дека треба да се проучи комплетно, бидејќи е уверен дека дел од свештените лица, па дури и некои од архијереите на нашата црква не го познаваат целиот процес.  

- Таму претходно имаше три цркви, а сега има четири, односно со доделувањето на томос од Цариградската патријаршија проблемот не само што не се реши, туку и дополнително се искомплицира, вели владиката Петар.

Тој објави дека „при првото сослужување со цариградскиот патријарх г.г. Вартоломеј, на Духовден 2022 година, Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија побарала на таа литургија да нема никакви претставници на Православната Црква во Украина, ни по хиротонија, ни по хиротесија, и дотогаш никогаш не се споменувало како услов признавањето на таа црква“.

За владиката Петар е беспредметно условувањето на томосот за МПЦ со признавање на ПЦУ. Тој вели дека условувањата дошле подоцна, по заедничкото сослужување.

- Треба да се заврши и со ноторните лаги кои се промовираат во македонската јавност, дека добивањето на томос од страна на Цариградската патријаршија е без условување. Постои официјален документ во кој се напишани условите, кои се три: 1- нашата црква да се именува исклучиво како Охридска црква, 2- не смее да се користи име изведено од именката „Македонија“, ниту во комуникација со другите помесни цркви, кои нè признаваат како Македонска Православна Црква, 3-делувањето на нашата црква да се ограничи само на територијата на Република Северна Македонија, што значи откажување од дијаспората, изјави владиката Петар.

Во однос на дијаспората, пак, митрополитот Петар вели дека МПЦ-ОА не може да се откаже од неа.

- Дијаспората е наша, ние ја создадовме. Дијаспората е одлика на една автокефална православна црква. Кога е во прашање дијаспората, на нашата Македонска црква, веќе сме повеќе во дијаспората отколку во матичната држава. Од тие причини не смееме да се откажеме од дијаспората, затоа што како што одат работите, една четвртина ќе сме во матичната земја, а три четвртини во дијаспората, изјави владиката Петар за Студио 10 на ТВ 24. 

Тој упати апел до вселенскиот патријарх Вартоломеј, „комуникацијата со нашата црква да оди преку официјалниот канал за комуникација, односно преку соодветните комисии на двете цркви, а не преку Бигорскиот манастир и епископот Партениј“. са/ац/

 

 

 

 

 

Остани поврзан