• недела, 11 јануари 2026

Владејачката коалиција со убедливо мнозинство во египетскиот парламент

Владејачката коалиција со убедливо мнозинство во египетскиот парламент

Каиро, 11 јануари 2026 (МИА) - Провладините партии ги освоија речиси сите места во египетскиот парламент, покажуваат конечните резултати од парламентарните избори што синоќа ги објави Националната изборна комисија на Египет.

Вториот и последен ден од гласањето во втората фаза од изборите се одржа на 25 ноември минатата година.

Во најнаселената арапска земја изборите се спроведуваат по комбиниран изборен систем – околу половина од пратениците се избираат пропорционално преку партиски листи, а другата половина преку индивидуални кандидатури.

Покрај тоа, пет проценти од пратениците ги назначува директно претседателот Абдел Фатах ал Сиси, а една четвртина од мандатите се резервирани за жени.

Кај индивидуалните кандидатури, претставниците на трите главни партии во провладината коалиција „Национална листа за Египет“ освоија околу 27 проценти од местата, односно 164 од вкупно 596 пратенички мандати, покажуваат официјалните резултати.

Поголемиот дел од преостанатите места им припаднаа на помали партии или независни кандидати, кои исто така се сметаат за блиски до владата.

Коалицијата „Национална листа за Египет“ опфаќа 12 политички партии, меѓу кои и владејачката партија „Мостакбал Ватан“ („Иднина на нацијата“), партијата „Хумат ал Ватан“ и Партијата на националниот фронт, основана во декември 2024 година.

Изборната комисија поништи резултати во повеќе од 30 изборни единици, каде што беше организиран втор круг на гласање. ссм/

фото: архива

Остани поврзан