• сабота, 23 ноември 2024

Вишеградската група изрази солидарност со Чешка за протерувањето руски дипломати

Вишеградската група изрази солидарност со Чешка за протерувањето руски дипломати
Варшава, 20 април 2021 (МИА) - Министрите за надворешни работи на Вишеградската група изразија солидарност со Чешка, која протера 18 руски дипломати осомничени за непријателски активности. Министрите за надворешни работи на Унгарија, Полска и Словачка, кои заедно со Чешка ја сочинуваат Вишеградската група, преку соопштение порачаа дека ги осудуваат сите активности насочени кон загрозување на безбедноста на суверените држави и нејзините граѓани, пренесува МТИ. Во соопштението објавено на веб-страницата на полското Министерство за надворешни работи се наведува дека овие земји ќе продолжат да се спротивставуваат на сите субверзивни активности на национално ниво, со помош на сојузниците на НАТО и механизмите на ЕУ. Нагласено е дека во таа смисла се изразува поддршка и солидарност со неодамнешните чекори преземени од нивниот близок партнер, сојузник и сосед Чешка.
Чешкиот премиер Андреј Бабиш претходно изјави дека протераните руски дипломати се осомничени дека учествувале во експлозијата во складиштето за муниција во Врбјетице на југот на Чешка во 2014 година, а како одговор на тоа, Русија во неделата протера 20 чешки дипломати. паг/  

Остани поврзан