• сабота, 27 јули 2024

Високиот Суд во Лондон одлучува за екстрадиција на Асанж во САД

Високиот Суд во Лондон одлучува за екстрадиција на Асанж во САД

Лондон, 20 мај 2024 (МИА) – Џулијан Асанж денеска ќе се соочи со следната фаза од неговата правна битка околу екстрадицијата во САД пред Високиот суд во Лондон, јави ДПА.

На основачот на Викиликс му се заканува екстрадиција во САД поради наводен заговор за добивање и откривање информации за националната одбрана по објавувањето на стотици илјади протечени документи во врска со војните во Авганистан и Ирак.

За време на дводневното рочиште во февруари, адвокатите на 52-годишникот побараа дозвола за да го оспорат отфрлањето на поголемиот дел од неговиот случај од страна на судиите за да се спречи негова екстрадиција.

Во март, судиите Викторија Шарп и Џастис Џонсон ги отфрлија повеќето правни аргументи на Асанж, но рекоа дека доколку САД не дадат гаранции, тој ќе може да поднесе жалба по три основи.

Гаранциите се однесуваа на тоа дека Асанж ќе биде заштитен и ќе му биде дозволено да се потпре на Првиот амандман – кој ја штити слободата на говорот во САД – дека нема да има „предрасуди при судењето“ поради неговата националност и оти нема да има смртна казна.

Минатиот месец, двајцата судии потврдија дека САД му дале гаранција на судот и го закажаа сослушувањето за денеска кога се очекува адвокатите на САД и Асанж да изнесат аргументи за гаранциите.

Доколку судиите утврдат дека гаранциите се задоволителни, се очекува да биде одбиена можноста на Асанж за конечна жалба во Велика Британија, и ќе биде наредена негова екстрадиција.

Доколку гаранциите не се сметаат за задоволителни, на Асанж ќе му биде дозволено да ја поднесе жалбата до Високиот суд.

Сослушувањето пред Викторија Шарп и Џастис Џонсон ќе почне денеска во 10.30 часот по локално време. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан