• понеделник, 23 декември 2024

Вински музеј Кавадарци со ликовен перформанс ,,Тиквешко сонце"

Вински музеј Кавадарци со ликовен перформанс ,,Тиквешко сонце
Кавадарци, 7 септември 2022 (МИА)-Во Вински музеј Кавадарци денеска беше реализиран ликовниот перформанс ,,Тиквешко сонце", целодневен настан, што музејот го организира за седми септември, заедно со кавадаречкото друштво на ликовни уметници, а во рамките на годинешната манифестација ,, Тиквешки гроздобер".
Соња Самарџиева Поп Ицов, претседател на ДЛУК, информираше дека десет ликовни уметници од Кавадарци творат во прекрасниот амбиент на дворот на музејот, на тема тиквешки гроздобер, како дел од традицијата во овој крај.
Директорката на музејот, Весела Честоева соопшти дека во рамките на овој проект, има и презентација на вина од тиквешкиот крај.
-Тоа е исто така можност за ширење на нашата винска култура, за промоција на лозаровинарството што е од огромно значење за тиквешкиот регион но и пошироко. Овој настан е важен и за дополнителен развој на туризмот. Проектот е финансиран од кавадаречката локална самоуправа, како дел од проектите за финансирање на невладини организации и здруженија на граѓани, рече Честоева.
 По завршувањерто на ликовниот перформанс, вечерва ќе се одржи изложба при Домот на културата ,,Иван Мазов Климе", ќе бидат презентирани изработените ликовни дела и ќе може да се дегустираат вина од тиквешкиот крај.
Честоева нагласи дека со овој настан, се одбележува денот на градот, како и две години постоење на музејот.
-Дури и во услови на пандемија од коронавирус, музејот имаше гости, со почитување на превентивни мерки. За две години, музејската поставка ја имаат посетено над шест ипол илјади посетители. Беа реализирани над 40 настани со што ја потврдивме тезата дека овој музеј ги исполнува очекувањата на сите чинители во општеството. Музејот беше домаќин на гости од Бугарија, Србија , Данска Полска , Холандија Словенија, Хрватска Италија. Имаше многу дегустации во соработка со винарските визби, промоции, изложби , вински фестивал, вински базар, концерти, хуманитарни настани, еколошки акции и многу други активности. Промоцијата на културното наследство е наш приоритет и затоа се обврзуваме дека нашата успешна приказната продолжува, рече Честоева.
На ликовниот перформанс учествуваат уметниците Соња Самарџиева Поп Ицов, Димитар Самарџиев, Лазар Дојчинов, Симона Манчева, Владимир Темков, Ванчо Кеков, Горан Боев, Ива Јосифова, Ќиро Јосифов и Трајче Јованов.
Веќе изработена реплика на Бахус од Караваџо  од Соња Самарџиева Поп Ицов, е подарок за општинската галерија, како дел од овој настан.
Честоева се осврна и на реализираните настани во Вински музеј за регион Тиквеш- Кавадарци, во изминатите две години. свд/ир

Остани поврзан