• петок, 05 декември 2025

Виле Итала ја напушти должноста генерален директор на ОЛАФ 

Виле Итала ја напушти должноста генерален директор на ОЛАФ 

Брисел, 1 август 2025 (МИА) – Синоќа на полноќ истече седумгодишниот мандат на сега веќе поранешниот генерален директор на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), Виле Итала. 

- Ми беше чест да го водам ОЛАФ во неговата витална мисија за заштита на парите на европските даночни обврзници и промовирање на интегритетот во рамките на институциите на ЕУ. Горд сум на она што го постигнавме заедно - од зајакнување на истражните способности на ОЛАФ, до поттикнување силни партнерства низ цела Европа и пошироко, изјави Итала, кој нема право на реизбор на функцијата. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со истекот на мандатот на Итала, до изборот на негов наследник, актуелната заменик генерална директорка Сала Састамоинен од денеска е в.д. генерална директорка на ОЛАФ. 

Постапката за избор на нов прв човек на ОЛАФ, што започна кон крајот на јули, е во тек. Согласно процедурите, генералниот директор на ОЛАФ се избира преку конкурс, при што избраниот кандидат треба да го потврди Европскиот парламент, а формално го именува Европската комисија.  

Во соопштението на ОЛАФ по повод истекот на мандатот на Итала се наведува дека тој одиграл клучна улога во зајакнувањето на борбата на ЕУ против измами и од неговото именување во 2018, па досега, Агенцијата спровела 1.588 истраги, препорачала враќање на над четири милијарди евра злоупотребени средства од ЕУ и спречила прекумерно трошење од повеќе од 810 милиони евра. 

- Итала го водеше ОЛАФ во период обележан со големи предизвици и невидени случувања во заштитата на финансиските интереси на Европската Унија - од пандемијата на Ковид-19, за време на која ОЛОФ спречи прекумерно трошење милијарди долари за лажни медицински материјали и вакцини, до одговорот на ЕУ на руската инвазија на Украина, каде што ОЛАФ работеше на спроведувањето на санкциите и зајакнувањето на украинскиот систем за борба против измами, се вели во соопштението. 

Во него натаму се додава дека во текот на мандатот на Итала, Агенцијата спровела и повеќе истраги поврзани со носители на високи функции и ја зајакнала својата улога како централен столб во архитектурата на ЕУ за борба против измами.  

- Покрај тоа, во овие седум години, ОЛАФ континуирано ја подобруваше својата ефикасност, градеше капацитети и способности, помагаше во враќањето на злоупотребените средства и ги штитеше здравјето, безбедноста на граѓаните и животната средина. Итала, исто така, ја зајакна соработката на ОЛАФ со клучните партнери во борбата против измами, вклучувајќи го Европскиот суд на ревизори, Европол, Евроџаст, како и Европското јавно обвинителство, се потенцира во соопштението. сп/вг/

Фото: Европска Унија 

Остани поврзан