• четврток, 21 ноември 2024

Весна Јаневска - министерка за образование и наука

Весна Јаневска - министерка за образование и наука

Скопје, 23 јуни 2024 (МИА) - Весна Јаневска која ќе биде министер за образование и наука во новата Влада, е родена на 27 јуни 1958 година во Скопје. Таа е доктор на науки на Медицинскиот факултет при УКИМ  во Скопје, специјалист по патологија. Била пратеник во Собранието на Република Македонија од 2006 до 2008 година.

Од 1990 година работи во Институтот за патологија на Медицинскиот факултет, каде ја реализира професионалната кариера почнувајќи од специјалист патолог, асистент, доцент, вонреден професор, а од 2011 година станува и редовен професор на Катедрата по патологија. Во периодот од 1987 -1990 година била на специјализација во Медицински центар „Др. Трифун Пановски“ во Битола. Како доктор по општа пракса била вработена од 1983 -1987 во Болницата за душевни болести, Демир Хисар.

Од 2009 - 2010 Јаневска била визитинг професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а во 2009 година предавач на „International Pristina Summer Unuversity“ во Приштина. Од 2005-2009 година таа била претседател на Здружението на патолози на Македонија.

Јаневска во својата биографија има наведено 48 кратки престои, работилници, симпозиуми, курсеви и конгреси од областа на патологијата од кои 18 се во странство и тоа во Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Азија, Африка. Автор и коавтор е повеќе стручни и научни трудови објавени во интернационални и домашни списанија. Учествувала во повеќе домашни и меѓународни научно-истражувачки проекти. За исклучителни резултати во унапредувањето на медицинската наука, практика и развојот на здравствената заштита добитник е на наградата Повелба „Др Трифун Пановски“ што ја доделува Македонско лекарско друштво. 

Јаневска е членка на повеќе професионални здруженија во земјава како и на Европското здружение на патолози и на Интернационална академија по патологија.

Од компјутерски вештини има познавања од Microsoft Office, а од странски јазици одлично ги владее и англискиот и српскиот јазик. вг/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан