• четврток, 19 декември 2024

Весела и спокојна новогодишна ноќ во Охрид

Весела и спокојна новогодишна ноќ во Охрид

Охрид, 1 јануари 2024 (МИА) – Охриѓани и гостите од земјата и странство кои во голем број пристигнаа уште со почетокот на викендот синоќа во свечен новогодишен амбиент, со голем огномет и добра забава ја испратија веќе старата 2023 и ја дочекаа Новата 2024 година. Неколкуте илјади граѓани на Охрид, како и туристи на Градскиот плоштад на релативно топло време за овој период од годината се забавуваа на настапите на ди-џеите Јана Слеј и Багзи, групата „Де-Ен-Ка“, естрадните уметници Татијана Стефановска и Нино Величкоски и групата „Фортуна“.

Весело беше и во угостителските објекти, кои беа исполнети речиси до последно место, гостите уживаа традиционално во богата трпеза и одлична забава до раните утрински часови. Најбројни и оваа година на охридската ривиера беа гостите од соседните држави, на кои во текот на вчерашниот ден полицијата за добредојде во Охрид наместо казни им делеше лампиони.

Новогодишната ноќ гледано од безбедносен аспект мина релативно спокојно, со мал број интервенции на службите.

Според информациите од СВР – Охрид, на територијата на Охрид се регистрирани две нарушувања на јавниот ред и мир, едно пред и едно во угостителски објект, при што се приведени две лица. Во текот на ноќта немало ниту една сообраќајна незгода.

Дежурната екипа на Територијалната противпожарна единица ноќта ја мина во спокојна атмосфера, без ниту една интервенција.

Што се однесува на Службата за итна мединцинска помош, екипите со полни раце работа, но генерално задоволни од тоа како мина новогодишната ноќ. Според нив, немало посериозни интервенции, но во секој случај регистрирани зголемен број повици за пружање помош на интоксикација со алколол,  особено кај малолетни лица. Од Службата за итна медицинска помош апелираат до граѓаните да бидат што е можно поумерени, и тоа не само при консумирањето алкохолни пијалоци туку и во оброците.

Охрид рано изутринава го доби и првиот жител роден во Новата година. Првородено оваа година е здраво машко дете, родено час и 45 минути по полноќ. аб/дма/

фото/МИА

Остани поврзан