• сабота, 15 февруари 2025

Веб-апликација за следење на еколошкиот статус на Охридското и Преспанското Езеро

Веб-апликација за следење на еколошкиот статус на Охридското и Преспанското Езеро

Струга, 14 февруари 2025 (МИА) - Интерактивно прикажување на биолошкиот статус на Охридското и Преспанското Езеро овозможува веб-апликацијата hidrobioloski-zavod-ohrid.vercel.app, соопшти денеска Здружението Лидери за едукација, активизам и развој.

Апликацијата, како што е наведено, е изработена од група студенти, со цел прикажување на клучните еколошки параметри и податоци за двете езера низ годината кои произлегуваат од работата на Хидробиолошкиот завод Охрид.

- Преку апликацијата, граѓаните, научниците и љубителите на природата ќе можат во секое време да пристапат до податоци за загаденост, температурата на водата, нивото на кислород, состојбата на биолошките видови и други значајни фактори кои влијаат на екосистемите на езерата. Апликацијата претставува практичен начин за подобро разбирање на состојбата на овие природни богатства и ја нагласува важноста на нивната заштита, стои во соопштението.

Иван Јованов од Здружението Лидери за едукација, активизам и развој изрази задоволство што студентите покажале како иновативни решенија можат да придонесат за зачувување на природната средина.

Директорката на Хидробиолошкиот институт, Орхидеја Тасевска, посочува дека апликацијата ќе ја приближи науката до јавноста и ќе овозможи сите заинтересирани страни да имаат пристап до најновите податоци за состојбата на езерата.

Веб - апликацијата е развиена во рамки на проектот „Иновациски кампови во сорабока со Мрежата за искуствено учење“ од Здружението LEAD во партнерство со УНИЦЕФ и со финансиска поддршка на Шведска. сс/ев/

Фото: Здружението Лидери за едукација, активизам и развој

Остани поврзан