• петок, 05 декември 2025

Директорот на БЈБ Јанев на планинарски марш во СВР Тетово

Директорот на БЈБ Јанев на планинарски марш во СВР Тетово

Скопје, 28 јуни 2025 (МИА) - Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев денеска учествуваше на планинарски марш со полициски службеници од СВР Тетово, соопшти МВР. 

-Во духот на соработката, заедништвото и искрената комуникација, заедно го градиме оној полициски идентитет кој значи блискост со граѓаните, одговорност кон задачата и сила која извира од заедничките вредности. Надвор од канцелариите и рутините, утрово низ заедничка активност со пешачење од околу 5 км низ тетовскиот регион имавме можност да го јакнеме тимскиот дух, но и – што е најважно – подлабоко да се запознаеме, да зборуваме отворено за предизвиците на теренот, за реалните проблеми со кои се соочуваме, и за начинот како уште повеќе да се доближиме до граѓаните од Тетовскиот регион. Полицијата не се мери само со акции и бројки. Таа се мери со довербата што ја има кај народот. А таа доверба се гради со постојано присуство, искрен дијалог и подготвеност да се биде со граѓаните – и кога е тешко, и кога е мирно, истакна на маршот Јанев.

Директорот на БЈБ Јанев потенцираше дека градиме полиција која не се плаши да ги погледне проблемите во очи и што чекори напред со дигната глава – за стабилноста на државата, за безбедноста на граѓаните, и за достоинството на полициската професија.

-Македонија има полиција што се движи напред – тим по тим, регион по регион – со срце за народот и со сила за предизвиците. Градиме тимови што се потпираат еден на друг – мотивирани, дисциплинирани и посветени на заштита на секој граѓанин. Затоа што секоја лична победа е колективна сила, а секој ден е нова можност да станеме подобри – за себе, за колегите, и за Македонија, порача Јанев.

Досега вакви планинарски маршови се одржаа во Велес, Струмица и Битола каде полицијата е заедно на терен, во движење и во акција, наведуваат од МВР. вг/

Фото: МВР

 

 

 

Остани поврзан