• петок, 22 ноември 2024

Вархеји во дводневна посета на Турција 

Вархеји во дводневна посета на Турција 

Брисел, 6 септември 2023 (МИА) - Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји денеска и утре ќе престојува во посета на Анкара на разговори со неговите турски домаќини посветени на билатералните односи и соработката меѓу ЕУ и Турција.  

Како што соопшти Европската комисија, за време на дводневниот престој во Анкара, Вархеји ќе се сретне со турските министри за надворешни работи Хакан Фидан, за трговија Омер Болат, за семејство и социјални услуги Махинур Оздемир Ѓокташ, за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар и за индустрија и технологија Мехмет Фатих Качир. 

Предвидено е за време на посетата на Вархеји да биде потпишан договор за исплата на 781 милион евра од фондовите на ЕУ за најранливите категории бегалци во Турција, како дел од помошта од три милијарди евра што Унијата ги вети за поддршката на бегалците во земјата. 

Ова е прва официјална посета на претставник на ЕУ на Турција по претседателските и парламентарните избори во земјата во мај годинава. 

- Посетата следи по заклучоците на Европскиот совет од јуни, со кои лидерите на ЕУ ги повикаа високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и Европската комисија да поднесат извештај до Европскиот совет за односите ЕУ-Турција. Оваа посета доаѓа и пред објавувањето на следниот извештај за проширувањето, кој се очекува во октомври, се додава во соопштението. 

Во пресрет на денешната посета на Вархеј, Европската комисија и Турција во петокот потпишаа договор  со која се овозможува пристап на турската јавна администрација, компании и други организации до Програмата „Дигитална Европа“. Еврокомисијата, исто така, предложи и финансиска поддршка од 400 милиони евра од Фондот за солидарност на ЕУ за помош во надминување на последиците од разорните земјотреси во Турција во февруари годинава. сп/ссм/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан