• недела, 22 декември 2024

Варадкар за судењето на Израел во МСП: Ирска уште од самиот почеток притиска за прекин на огнот

Варадкар за судењето на Израел во МСП: Ирска уште од самиот почеток притиска за прекин на огнот

Скопје, 12 јануари 2024 (МИА) - Ирскиот премиер Лео Варадкар, на денешната прес-конференција во Скопје, изјави дека Ирска притиска за прекин на огнот во Газа уште од самиот почеток, и дека го користат нивното влијание на меѓународно ниво и оти се уште се на таа позиција, но посочи дека треба да се има внимателност околу користење на поимот геноцид.

Тој ова го кажа во одговор на новинарско прашање околу неговиот став во врска со одбраната на Израел пред Меѓународниот суд на правдата, каде што вчера почна сослушувањето за случајот во којшто Јужна Африка го обвинува Израел за вршење геноцид во Газа, а Израел денеска оцени дека Судот нема основа да бара прекин на огнот. Варадкар исто така беше прашан дали ирската Влада ќе зажали што не се приклучи кон овој случај.

-Ирска притиска за прекин на огнот меѓу Хамас и израелските сили, притискаме за тоа од самиот почеток на конфликтот, и го користиме нашето влијание во Обединетите нации, во САД и во ЕУ. Ние се уште сме на позиција дека треба да има прекин на огнот, но треба да бидеме внимателни околу користењето на поимот геноцид и обвинување за геноцид, знаеме дека еврејското население во Европа беше предмет на геноцид и имаше план да се убијат сите, и не сакам никој да се сомнева дека тоа било геноцид, порача ирскиот премиер Варадкар.

Тој ги спомена и нападите на Хамас на 7 октомври минатата година и дека биле убиени многу луѓе, како што рече, „затоа што биле Евреи или затоа што се во Израел“ и дека Хамас зборува за уништување на Израел и рече дека тоа посочува на јазик на геноцид, посочувајќи на тоа дека во овој конфликт има повеќе страни.

Додаде дека на Судот може да му требаат многу години да донесе пресуда во таа насока, но може да биде и за превенција на геноцидот.

-Тука треба да има повик од Судот да прекине со активности коишто може да доведат до геноцид, но мислам дека во моментов треба да дозволиме овој предмет да се слуша и да се слушнат двете страни и не треба да постои сомнеж околу ирската позиција за ова, ние од првиот ден го осудивме нападот на Хамас врз Израел и земањето заложници, секогаш сметаме дека ова треба да биде пропорционално,а не беше и доколку Израел ги прекршил меѓународните закони тогаш тие треба да бидат казнети за тоа. Мислам дека има механизми со коишто тоа може да се случи, истакна Варадкар.

Тоа што може да го направи МСП, според Варадкар, е да издаде наредба со којашто ќе повика Израел да преземе некои дејствија за да избегне случување на геноцид.

-Во таа ситуација ќе треба да имаме некаква улога и да се осигуриме дека тоа ќе се случи. Нема некој механизам со којшто ќе може да се спроведе тоа, но мислам дека може да се изврши притисок во Обединетите нации за да се решава ова, истакна премиерот на Ирска. сх/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан