• недела, 22 декември 2024

Ванковска: Да го вратиме достоинството и да ги промениме нештата

Ванковска: Да го вратиме достоинството и да ги промениме нештата

Скопје, 21 април 2024 (МИА) - Претседателскиот кандидат на „Левица“, Билјана Ванковска денеска во Скопје го одржа завршниот митинг од претседателската кампања. На митингот, освен Ванковска се обратија и Димитар Апасиев, претседател на Левица и носител на листа на ИЕ1, како и Катерина Јовановска и Дарко Ристовски, кандидати за пратеници во ИЕ1 и Дарја Мустафаоглу, кандидат за пратеник во ИЕ 2.

Во својот говор, Ванковска рече дека очекува влез во вториот круг и дека заедно со „Левица“ ќе го изодат патот до крај на кампањата. 

- Пред само три месеца во оваа сала бев претставена како претседателски кандидат на Левица. Еве сум денес тука на крај на кампањата, но тоа е само првиот дел. Заедно ќе го изодиме патот со Левица до крај на кампањата. Мислам дека после дебатата целиот народ ќе види која е разликата меѓу нас и нив. Ние сме единствени кои сме антиестаблишмент, рече Ванковска.

Во својот говор кажа дека таа и Левица се обидуваат да го вратат достоинството, да ја зборуваат вистината и да ги менуваат нештата. Се задржа и на дебатата со нејзините противкандидати посочувајќи дека она што е наречено дебата всушност не било претседателска дебата и дека нејзините противкандидати не дале јасни одговори или воопшто не дале одговори за односот кон ЕУ и НАТО и Договорот со Бугарија.

Лидерот на „Левица“ рече дека на парламентарните избори очекува најмалку тројца пратеници во Првата изборна единица, а на следните избори дека тој број ќе биде двоцифрен. 

- Во единицата очекуваме најмалку тројца пратеници, а на наредни избори двоцифрен број само од кецот. Привршува кампања во која бевме изложени на нефер услови, на бојкот. Но, ние левичарите не сме патетични. Можам да кажам дека Левица ќе изненади, рече Апасиев.

За СДСМ рече дека го нема народниот дух, за разлика од Левица која во себе го има народниот дух, а на ВМРО-ДПМНЕ му порача дека не треба мораториум за Левица, туку за влез на Бугарите во Устав, мораториум за амнестијата и измените на Кривичен законик со европско знаменце, мораториум за воведување на двојазичност...

Апасиев се осврна на платформата што ја нуди Левица за да може да коалицира со некоја од партиите по изборите. Како што рече, Македонската платформа има пет точки: унитарност на државата, нема преговори за дводомен парламент, нема преговари за конститутивните елементи на нацијата, враќање на територијалната поделба и враќање на инсигниите на државата, знамето и грбот да бидат на цела територија на државата. бак/

Фото: Левица

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан