• сабота, 21 декември 2024

Бугарија е трета во Европа по бројот на археолошки споменици, објави главниот асистент Владислав Живков

Бугарија е трета во Европа по бројот на археолошки споменици, објави главниот асистент Владислав Живков

Софија, 2 декември 2024 – Бугарија е трета во Европа по бројот на археолошки споменици, изјави во Монтана, Владислав Живков, главен асистент во Одделот за археологија на БАН, за време на денешната конференција за проектот БТА „Европа на Балканот: Заедно преку знаење“. Живков е научен раководител на проектот „Спроведување теренски археолошки истражувања на територијата на општина Лом“, склучен помеѓу општина Лом и ДФ „Земјоделство“ по постапка на МИГ-Лом, кофинансиран од ЕУ преку ЕАФРД.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Според него, во трите области Видин, Монтана и Враца има околу 200 археолошки локалитети. За време на двонеделните обиколки, главно по реката Дунав и долниот тек на реката Лом, беа пронајдени 65 нови археолошки локалитети, што го зголемува нивниот вкупен број само во Монтанско за околу 30%. Овие локалитети се од сите историски епохи. Живков истакна дека, за жал, многу од нив биле оштетени при рударски активности, а тоа особено се однесува на античките локалитети покрај Дунав. За нивната состојба се известени институциите надлежни за заштита на овие споменици, а активиран е и член од Законот за културно наследство.

Раководителот на проектот зборуваше за иницијативата за регистрирање на тврдините кои ги чуваа реките Дунав и Рајна како колективни споменици на УНЕСКО. Ова е веќе направено за оние покрај Рајна и долж течението на Дунав. Во моментов во тек е иницијатива за вклучување на оние долж долниот дел на Дунав, бидејќи кандидатурата ја делат Хрватска, Србија, Бугарија и Романија.

Денешната конференција во Монтана е дел од проектот „Европа на Балканот: Заедно преку знаење“, кој БТА го спроведува со поддршка на Европската комисија. Тековниот проект се надоврзува на проектите што веќе ги спроведува БТА „Европа во Бугарија: Заедничка иднина“, „Европа на Балканот: Заедничка иднина“, бидејќи главниот фокус на тековниот проект се младите, вештините и улогата на Кохезионата политика на Европската комисија за развој на новите вештини неопходни за реализација на пазарот на трудот.

На отворањето на конференцијата претходно денеска, генералниот директор на БТА, Кирил Валчев, истакна дека модерниот град Монтана се обидува со европски и бугарски инвестиции – државни и сопствени општински средства, на своите граѓани да им понуди толку добри услови за заеднички живот, за да не се бараат на друго место во Европа. Презентирањето на резултатите од овие напори е една од задачите на овој проект, рече Валчев.

Тој нагласи дека актуелниот разговор е организиран на денот кога Монтана слави годишнина од добивањето на статусот современ град во 1891 година, со декрет на тогашниот бугарски кнез Фердинанд, чие име го добил градот.

„Ова е повод во контекст на потрагата по повеќе знаења за кохезијата во ЕУ да се забележи дека разбирањето на модерниот град е една од работите што не поврзува во Европа. Затоа голем дел од европските фондови по различни програми се насочени токму кон развој на заеднички простори и заедничка транспортна и комунална инфраструктура, како и почиста животна средина во градовите“, рече генералниот директор на БТА и додаде дека пример за таков развој е самата Монтана.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Остани поврзан