БТА повторно ќе има дописник на палубата на научноистражувачкиот брод „Св. св. Кирил и Методиј“, изјави генералниот директор Кирил Валчев
- БТА повторно ќе има дописник на палубата на научноистражувачкиот брод „Св. св. Кирил и Методиј“ (НИК 421). Тоа го изјави во Националниот прес-клуб на БТА на палубата на воениот научноистражувачки брод „Св. св. Кирил и Методиј“ генералниот директор на Агенцијата Кирил Валчев
Софија, 7 ноември 2025 (МИА) - БТА повторно ќе има дописник на палубата на научноистражувачкиот брод „Св. св. Кирил и Методиј“ (НИК 421). Тоа го изјави во Националниот прес-клуб на БТА на палубата на воениот научноистражувачки брод „Св. св. Кирил и Методиј“ генералниот директор на Агенцијата Кирил Валчев пред четвртото пловење до Антарктикот на НИК 421. Според неговите зборови, дописникот на БТА ќе биде на бродот во периодот јануари-февруари 2026 година.
Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Овие експедиции се пример дека Бугарите можеме да бидеме заедно, да имаме континуитет. Сè започна во 2021 година, кога министер за образование и наука беше Красимир Валчев, и многу симболично, и сега е тој. Тогаш имаше голема поддршка од тогашниот потпретседател на Владата, кој и сега е потпретседател на Владата, Томислав Дончев. Тогаш Владата беше на Бојко Борисов, сега – на Росен Жељазков, но мора чесно да кажеме дека сите влади го поддржуваа тоа Бугарија да присуствува на Антарктикот, изјави Кирил Валчев. Тој додаде дека БТА, преку информациите што ги лиферуваше во специјална рубрика, која е со слободен пристап и сите медиуми можат да ги користат текстовите, фотографиите и видео материјалите, помага за популаризација на бугарската наука на Антарктикот. Ние издадовме два специјални броја на обновеното списание ЛИК за бугарската наука на Антарктикот и претходно за првото историско пловење. Тие се и на англиски, а последното издание е и на шпански, додаде генералниот директор на Агенцијата.
Валчев потсети дека БТА има национален прес-клуб на палубата на НИК 421 од 2022 година. Во февруари минатата година, националната информативна агенција на Бугарија отвори таков и во бугарската антарктичка база „Св. Климент Охридски“ на островот Ливингстон.
Прес-клубовите постојат благодарение на огромната поддршка на бугарскиот научноистражувачки брод „Св. св. Кирил и Методиј“ и на бугарската база „Св. Климент Охридски“ со обезбедените простории, кои се додаваат на другите 41 национални прес-клубови (33 во Бугарија, седум надвор од земјата во соседни земји и во земји со големи бугарски заедници и еден мобилен Национален прес-клуб на книгата), нагласи Валчев.
Тој укажа и дека во сите три експедиции на бугарскиот научноистражувачки брод до Антарктикот и назад, БТА испрати дописници.
Константин Караѓозов беше дописникот при историското прво пловење на НИК 421 кон крајот на 2022 година и почетокот на 2023 година. Тој пренесуваше секој од 127-те дена на експедицијата вести во текст, видео материјали и фотографии за научните истражувања за време на целото пловење (вклучително преку Атлантскиот Океан во двете насоки) и за време на целиот престој на Ледениот континент, нагласи генералниот директор.
БТА имаше претставник и при второто пловење на „Св. св. Кирил и Методиј“ за време на научните истражувања на почетокот на 2024 година – Емил Граничаров, кој испраќаше свој видео дневник од бродот со можност материјалите да се користат од сите медиуми. Тие го правеа тоа не само во Бугарија, туку и низ светот – пример се деталните публикации за БТА во аргентинските медиуми, укажа Валчев.
При третото пловење на бродот на почетокот на 2025 година, дописник беше Милена Островска.
Нивните материјали се со слободен пристап во специјалната тематска рубрика на бугарски и англиски јазик #Бугарија - Антарктик / Bulgaria - Antarctica и можат слободно да се користат од сите медиуми со повикување на БТА, изјави дополнително Валчев. Според него, благодарение на своите дописници во три последователни антарктички експедиции, Агенцијата е меѓу првите резултати во пребарувачот на Google при пребарување со изразот Antarctica correspondent.
Во јуни 2023 година, БТА го издаде на бугарски и англиски јазик списанието ЛИК „До Антарктикот и назад под бугарско знаме“, посветено целосно на историската експедиција, потсети Валчев. И прецизира дека во мај 2024 година, БТА издаде број на списанието ЛИК, посветен на бугарската наука на Антарктикот, кој е слободно достапен во електронски формат. Бројот е преведен и на англиски јазик и на шпански јазик.
Примероци од броевите на списанието се на палубата на бродот.
„На тој начин, националната информативна агенција на Бугарија дава придонес кон претставувањето на бугарската наука на Антарктикот и ја исполнува својата мисија да ја популаризира Бугарија, претставувајќи едно од нејзините најубави лица – лицето на бугарската наука“, укажа Валчев.
Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.