• понеделник, 25 ноември 2024

Бочварски: Отворањето повеќе можности и подобрата безбедност дополнително ја подобрува комуникацијата помеѓу граѓаните и државите

Бочварски: Отворањето повеќе можности и подобрата безбедност дополнително ја подобрува комуникацијата помеѓу граѓаните и државите
Скопје, 9 февруари 2022 (МИА) - Очекуваме кон средината на идната година комплетно да се реконструира и доизгради Коридорот 8 на источна страна, заедно со постојните обновувања што ги вршиме од Куманово кон Страцин. Тоа ќе даде една комплетно нова слика на поврзувањето со Бугарија и ќе овозможи многу побрзо, но и побезбедно патување за граѓаните до Бугарија, порача денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. -Имаме неколку проекти кон Бугарија. Се гради експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка со вредност од преку 60 милиони евра. Очекувањата се дека ќе го завршиме некаде кон средината на 2023 година. Заедно со него паралелно и патот од Крива Паланка до Деве Баир, очекувањата се дека до средината на наредната година ќе биде комплетиран. Таму работиме не само на обновување, туку и на проширување на трета лента онаму каде што патот е со две ленти, рече Бочварски во одговор на новинарско прашање на првиот состанок на мрежата на компании за железничка инфраструктура од Западен Балкан што денеска се одржа во Скопје во организација на Секретаријатот на транспортната заедница. Прашан дали е потребна и исплатлива авионската линија Софија – Скопје, Бочварски рече дека смета оти никој нема против државата да нуди повеќе можности за граѓаните. - Авиолинијата е за отворање на повеќе можности, секако и патната инфраструктура која што ја обновуваме и градиме кон исток. Доколку некој смета дека треба да патува по воздушен пат да има можност, доколку смета дека треба да патува по копнен пат со автомобил исто така да има можност. Тоа е нешто кое што треба да го понудиме на граѓаните, рече Бочварски. Нагласи дека отворањето повеќе можности и подобра безбедност дополнително ја подобрува комуникацијата, конекцијата, отворањето на нови бизниси, економија и културна соработка помеѓу граѓаните. -Во петок доаѓаме со лет од Софија за Скопје во којшто освен министрите за транспорт на двете земји, ќе бидат присутни министерот за локална самоуправа од РСМ, министерот за туризам од Бугарија и тур-операторите од Бугарија. Сакаме да покажеме дека тур-операторите од двете земји треба да ги дадат најдобрите солуции за отпочнување со оперирање на летот Скопје – Софија. Очекувам во петок да имаме појасна слика кога би започнала редовната линија, колку пати би се одвивала во текот на неделата со што би биле задоволени одредени параметри, критериуми за да таа биде операбилна и да може да функционира тековно, потенцира Бочварски. вј/лв/

Остани поврзан