• четврток, 09 мај 2024

Бочварски: Модерна и квалитетна инфраструктура со соработка и поддршка од стручната и академската фела

Бочварски:  Модерна и квалитетна инфраструктура со соработка и поддршка од стручната и академската фела

Скопје, 28 септември 2023 (МИА) - Нашата визија за европска и просперитетна Северна Македонија со модерна и квалитетна инфраструктура е невозможна без соработка и поддршка од стручната и академската фела, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски пред учесниците на  20. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија насловен „Отпорни конструкции“, што се одржува од денеска во Скопје. 

Да се биде дел од оваа стручна фела, потенцира министерот, е чест. Од професионален апсект, тоа е поле за натпревар на идеи. Од економски апсект, градежништвото поддржува 25 други стопански гранки. И затоа нашите програмски цели се да создаваме услови на континуитет на градежната експанзија во земјата, но притоа мора да понудиме нови знаења, нови стандардизирани норми и методи кои ќе ги прилагодиме во домашната легислатива, рече Бочварски. 

Тој истакна дека во државава се реализира најголемата инвестициска политика во изградба и модернизација на инфраструктурата и оти е започната најголемата реформа во градежната дејност преку која се обезбедува високо ниво на професионалност и стандардизација на прописите и нормите. 

Потсети дека се донесени нов Закон за урбанистичко планирање и нов Правилник за урбанистичко плнирање, а првпат е донесен и Тарифник за изработка на урбанистички планови со минимални цени и Ценовник за инженерски услуги, со цел, како што рече,  да се вреднуваме трудот на архитектите и инженерите. 

Бочварски  очекува предлози и видувања од стручен аспект за новиот закон за градење што е во завршна фаза, а порача дека треба сериозно да се работи на воведувањето на еврокодовите, како универзални стандарди за проектирање се од посебно значење за обединување на Европскиот пазар. 

-Ние како држава, Еврокодовите ги усвоиме пред неполни три години со одложена примена до септември следната година. Времето на паралелна употреба полека истекува, па оттаму од голема важност за градежниот сектор е навремена подготовка на инженерскиот кадар за нивна соодветна примена. Во овој дел обуките се веќе започнати и се надевам дека со соодветна поддршка на стручната фела, на Друштвото на градежни конструктори на Македонија, потоа на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија и секако со поддршка од Владата овој процес успешно ќе го реализираме и ќе овозможиме градежништвото да го задржи чекорот со земјите од регионот и Европа, рече Бочварски. 

Тема на 20. меѓународен симпозиум е „Отпорни конструкции”, а во фокусот ќе бидат стекнатото знаење изминатите шест децении, по скопскиот земјотрес, во областа на асеизмичкото проектирање, како и претстојните предизвици поврзани, пред се, со климатските промени. 

На настанот се одбележува и 74- годишнината од основањето на Градежниот факултет при УКИМ, чиј декан  Горан Марковски оцени дека кадарот функционира како „мултитаскинг инженерски процесор„ но со недостаток на „свежа крв“.

- Исполнувањето на поставените цели не е ниту малку лесна задача во држава како нашата во која  од факултетот покрај квалитетно високо образование и плодна научно истражувачка работа се очекува и осмислена меѓународна академска соработка, компетентна вклученост во безмалку сите капитални проекти, водење на процесите на примена на нови стандарди, изработка на стратегии закони и стручни правилници, дополнителни обуки, прва инженерска помош при инцидентни случувања... Мултитаскинг инженерски процесор, рече Марковски. 

Без доволен или барем одржлив број на студенти, идни истражувачи и следбеници,  укажа деканот, факултетот а со тоа и струката неминовно ќе почнат да атрофираат.

-За жал, интересот за изучување на градежништвото, геодезијата и геотехниката, бележи загрижувачки пад, кој не само што не гарантира напредок, туку ниту опстанок на дејноста пред која, покрај постојните, се исправаат и нови крајно сериозни и комплексни предизвици на кои факултетот не смее и нема да остане рамнодушен. Еден од нив се климатските лудории кои со неподнослива леснотија започнаа опсесивно и безмилоснио да го уништуваат создаденото со децении, наведе Маркоски.

Нивното разорно дејство, дополни, може да биде скротено единствено со целосна мобилизација на струката, со подигнување на квалитетот на градежништвото, со сериозни истражувања, стекнување современи знаења, интензивна соработка на глобално ниво, со воспоставување нови повисоки стандарди, стручен мониторинг, редовно одржување на постојните и изградба на нови отпорни конструкции.лв/вј/

 

 

 

Остани поврзан