• недела, 22 декември 2024

Бочварски: Браната на реката Отиња во Штип се гради со силна динамика

Бочварски: Браната на реката Отиња во Штип се гради со силна динамика

Штип, 18 декември 2023 (МИА) - Министерство за транспорт и врски става силен фокус на изградба и модернизација на целокупната инфраструктура во земјата, а особено работиме на проекти од кои директен бенефит имаат граѓаните и локалните самоуправи, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска изврши увид во градежните активности на браната на река Отиња во Штип.

Бочварски истакна дека браната е инвестиција на Владата, во износ од преку 300 милиони денари. Со проектот е предвидено да се изведе камено-земјена брана во висина од 33 метри. Таа пред сè ќе биде наменета за водоснабдување со технолошка вода за потребите во градот и интервентно дополнување на водоводниот систем со сурова вода.

Бочварски истакна дека во овој момент се работи на изградба на зафатот и на бочниот преливник и дека очекува наскоро да започне изградбата и на телото на браната.

- Разговаравме со претставници од изведувачот и надзорниот орган, кои ни ги претставија активностите кои се реализираат на терен при изградбата на овој огромен, капитален проект за Штип и штипјани, проект кој наназад се збори со генерации, но токму оваа Влада обезбеди средства и истиот го гради. Предизвиците со кои се соочивме во изминатите месеци се надминуваат, а динамиката се зголемува. Темелниот испуст е веќе завршен, како и завршена е реализацијата и на инекционата завеса. Загатот на кој сега се работи е реализиран од скоро 50%, додека вкупниот прогрес на изградба на браната изнесува околу 60 отсто, вели Бочварски.

Тој додаде дека Министерството за транспорт и врски обезбеди и околу 16 милиони евра, поддршка за реализација на инфраструктурни проекти за општините. вдј/ир

Фото: МИА

Остани поврзан