• среда, 13 ноември 2024

Борг од Тирана: Важната мисија на ОБСЕ е да ја изгради, или обнови безбедноста и стабилноста од Ванкувер до Владивосток

Борг од Тирана: Важната мисија на ОБСЕ е да ја изгради, или обнови безбедноста и стабилноста од Ванкувер до Владивосток

Тирана, 13 ноември 2024 (МИА) - Претседавачот со ОБСЕ, вицепремиер и министер за надворешни работи на Малта, Јан Борг, кој денеска престојува во Тирана, по средбата со министерот за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, изјави дека „важната мисија на ОБСЕ е да ја изгради, или обнови  безбедноста и стабилноста од Ванкувер до Владивосток“.

-Во текот на последните неколку дена имав продуктивни разговори со нашите партнери во регионот каде што ја истакнавме важната мисија на ОБСЕ да ја изгради, или обнови  безбедноста и стабилноста од Ванкувер до Владивосток. Мотото на претседателството оваа година, е зајакнување на отпорноста и зголемување на безбедноста што ја одразува свесноста на Малта за предизвикувачкото опкружување во кое работиме, нагласи Борг на заедничката прес-конференција.

Тој ја потврди континуираната поддршка на неговата земја за европската интеграција на Албанија, нагласувајќи го силното партнерство меѓу Албанија и ОБСЕ и потврдил дека ОБСЕ останува подготвена да и помогне на Албанија да ги унапреди клучните изборни реформи.

- ОБСЕ останува подготвена да и помогне на Албанија да ги унапреди клучните изборни реформи во согласност со стандардите на ОБСЕ-ОДИХР и во согласност со нивните препораки. Овде на терен, присуството на ОБСЕ во Албанија е непоколеблив партнер во унапредувањето на демократските вредности, зајакнувањето на институциите и промовирањето на човековите права од 1997 година. Нашата работа за доброто на албанскиот народ се протега на клучни области како што е владеењето на право, добро владеење, антикорупција и слобода на медиумите, рече тој.

Посочи дека преку „иницијативите насочени кон судските реформи, борбата против трговијата со луѓе и ангажманот на младите, градиме посилни демократии и по инклузивни општества“.

Хасани меѓу другото искажа благодарност што „Малта е постојан поддржувач на европската интеграција на Албанија“ и за залагањето на малтешкото претседавање,  што ја „задржало Украина во центарот на агендата на ОБСЕ“.

Тој подвлече дека мирот и безбедноста ќе бидат во фокусот на дискусиите на следниот министерски совет на ОБСЕ, што ќе се одржи на 4 и 5 декември во Малта.

-Разменивме мислења за клучната улога на ОБСЕ во промовирањето и одржувањето на мирот, стабилноста и соработката во регионот, особено во услови на безбедносни предизвици што не очекуваат, а кои се многубројни и често непредвидливи. Албанија високо ја оценува посветеноста на Малта за преземање на одговорноста да претседава со ОБСЕ во овие многу важни и предизвикувачки моменти за безбедноста на нашиот континент. Му честитаме на малтешкото претседателство за неговата извонредна работа и посветеноста на основните принципи на ОБСЕ, кои се темел на стабилноста и мирот, рече Хасани.

Според него, разговарале и за потребата да се подобри координацијата меѓу земјите-учеснички, да се зајакнат механизмите за управување и да се зголеми ефективноста на политиките на ОБСЕ во соочувањето со овие предизвици. вт/

Фото: МЕНР

Остани поврзан