• понеделник, 23 декември 2024

Блупринт група: Забелешките нотирани во Извештајот за 2023 година ги потврдуваат реакциите на групата за состојбите во превосудството

Блупринт група: Забелешките нотирани во Извештајот за 2023 година ги потврдуваат реакциите на групата за состојбите во превосудството

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) - Овој Извештај на ЕК, е еден од ретките каде е констатирано дека во делот на правосудството не е забележан прогрес, што од аспект на исполнување на критериумите од Поглавјата 23 и 24 претставува целосно руинирање на сите досегашни постигнувања и напредок токму во овој сегмент, реагираат од Блупринт групата за реформи во правосудството.

Од Блупринт групата, посочуваат дека, забелешките нотирани во Извештајот за 2023 година на ЕУ ги потврдуваат реакциите на групата за состојбите во превосудството и законодавните процес.

- Блупринт групата за реформи во правосудството, тргнувајќи од постулатот дека граѓанските организации имаат значајна улога во демократскиот систем, реформските процеси, заштитата на човекови права и владеењето на правото, веќе подолго време апелира за значајни состојби во правосудството и законодавните процеси на кои им треба итно внимание и итни мерки за надминување на предизвиците. Интервенциите кои Блупринт групата ги имаше во 2023 година, се јасно нотирани како суштинска реакција на појавите и постапувањата пред се на Судскиот совет на РСМ, кој во Извештајот за напредок  на ЕК за 2023 година е детектиран како генератор на загриженост за независноста за судството. Оваа констатација произлегува по скандалозното разрешување на претседателката на ССРСМ и отсуство од конкретна акција за сочувување на независноста и самостојноста на Судскиот совет што е нотирано од страна на ЕК, посочуваат од Блупринт групата. 

Европска комисија во извештајот ја оценува состојбата во правосудството како непроменета и без напредок. Во извештајот е потенцирано дека Судски Совет на РСМ треба да се стреми кон интегритет и независност на судии, како и да се спротивстави на секакво надворешно влијание, додека контраверзното разрешување на претседателката на Судски Совет на РСМ ја зголеми загриженоста за несоодветни политички влијанија, како и почитување на законски пропишани процедури и начела. Европската комисија упатува на минатогодишните препораки кои не се спроведени, а кои се однесуваат на: донесување нова стратегија за реформи во правосудство 2023 – 2027 без одлагање, како и ревидирање на целосна законодавна рамка за севкупно функционирање на Судски совет на РСМ со цел зајакнување на владеење на правото, транспарентноста и независноста.

- Во оваа насока и изборните процеси од Советот на јавни обвинители во Извештајот се оценети како такви кои немаат придонес кон градење јавна доверба во транспарентноста и владеење на правото, бидејќи не се воспоставија критериуми за квалификација, како и посочување дека се уште е присутна потреба од образложување на одлуките. Дополнително, како сериозно загрижувачко прашање останува да се провлекува можното надворешно влијание во процесите на Светот на јавни обвинители, се вели во соопштението од Блуптинт групата.

Извештајот на ЕК, дава посебни забелешки кои се однесуваат на загриженоста за злоупотреба на „европско знаменце“ за хармонизација на домашното законодавство со европското, како и борбата против висок криминал и корупција, што се и фокус на Блупринт групата, а во исто време и фокус на Извештајот за РСМ за 2023. Токму овие состојби, посочуваат од групата, се оценети како загрижувачки, без напредок или со неуспешни мерки за справување.

- Би сакале да потсетиме на насоката дека „европско знаменце“ треба да се употребува за директно усвојување закони со основна цел за усогласување со европско законодавство, а не за да се оневозможи или скрати јавна дебата и консултации за исклучително важни прашања. Истото е нотирано и во Извештајот на РСМ за 2023 поврзано меѓу другото и со неодамнешните измени на Кривичниот законик од септември 2023 година. Во извештајот се потврдува ставот на Блупринт групата дека со користење на „европското знаменце“ се воведоа намалени казни за кривични дела на корупција без разлика што овие измени не се однесуваа за усогласување на националното со  EU acquis, се вели во соопштението од Блупринт групата.

Конкретните измени на Кривичниот законик се оценети како загрижувачки, бидејќи влијаат на кривичните постапки, го ограничуваат обемот на истрагите, и ја попречуваат способноста на властите ефективно да ги гонат случаите на висока корупција. Од друга страна, во делот за борба против корупција, присутна е и генералната оценка дека нема напредок, а корупцијата останува сериозно загрижувачко прашање. Со тоа, се вели во соопштението, се потврдува и загриженоста на Блупринт за давање правна основа на хроничната неказнивост на високи фунционери.

- На крајот сакаме да укажеме дека и покрај напорите кои ги прави граѓанскиот сектор преку Блупринт групата во правосудството, преку следење на работата на истото и институционална поддршка на судовите и правосудните институции, за жал ЕК констатира отсуство на напредок токму во овој дел што се должи на неодговорното, непрофесионалното и неетичко однесување на функционерите што е очигледно и од драстично намалената доверба кај граѓаните и најниската можна оцена во делот на европските интеграции, нагласуваат од Блупринт групата.

Организации од Блупринт групата за реформи во правосудството се Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Институт за европска политика (ЕПИ), Институт за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншки комитет за човекови права и Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА). аа/дма/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан