• недела, 22 декември 2024

Блинкен: Преговорите за мир во Либан напредуваат, но преостануваат предизвици

Блинкен: Преговорите за мир во Либан напредуваат, но преостануваат предизвици

Вашингтон, 1 ноември 2024 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен соопшти дека има значителен напредок во преговорите за евентуален прекин на огнот помеѓу Израел и либанската исламистичка организација „Хезболах“.

САД работат „многу интензивно“ на постигнување договор, кој би вклучил повлекување на поддржаното од Иран либанско исламистичко движење од регионот кој се граничи со Израел, нагласи Блинкен на синоќешната прес-конференција во Вашингтон.

- Ако ги погледнеме моите неодамнешни патувања во регионот и тековните дискусии, ќе видиме дека постигнавме добар напредок кон таа цел, додаде тој.

Но, „сè уште имаме работа што треба да ја завршиме“, призна државниот секретар, повикувајќи на „дипломатско решение, вклучително и прекин на огнот“.

Претставниците на Белата куќа, Амос Хокштајн и Брет Макгерк, вчера во Ерусалим се сретнаа со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во обид да најдат решение за тековната војна помеѓу Израел и „Хезболах“. Според израелските медиуми, планот кој го изработиле американските пратеници повикува „Хезболах“ да се повлече од Јужен Либан, а израелската армија да го напушти регионот, додека контролата би ја презела либанската армија и мировните сили на ОН.

Според документот, Либан би имал задача да спречи „Хезболах“ да се снабдува со оружје од странство, а Израел ќе го задржи правото на самоодбрана во согласност со меѓународното право.

Како главен воен поддржувач на Израел, САД не повикува на моментален прекин на огнот во Либан и ги поддржува израелските напади врз „Хезболах“, иако изразува загриженост за судбината на цивилното население.

Блинкен повторно повика на целосно спроведување на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, која стави крај на војната помеѓу „Хезболах“ и Израел во 2006 година. Според оваа резолуција, во Јужен Либан треба да бидат распоредени само мировни сили и либанската армија.

Присутниот на прес-конференцијата, американски министер за одбрана Лојд Остин, исто така изјави дека постои „шанса“ за Либан. - Се надеваме дека ќе видиме подобрување на состојбата во Либан во блиска иднина, истакна државниот секретар.

Покрај тоа, Блинкен го повика Израел да дозволи продолжување на кампањата за вакцинација против детска парализа, особено во северниот дел на Појасот Газа, која беше прекината поради интензивните бомбардирања.

Важно е ова да се случи во наредните неколку дена и очекуваме од Израел да ја олесни оваа кампања, изјави државниот секретар на прес-конференцијата, додека според податоците на СЗО околу 119.000 деца во северниот дел на Газа чекаат да ја примат втората доза од вакцината. ссм/

фото: архива

Остани поврзан