• петок, 22 ноември 2024

Блинкен оди во Израел, се очекува да изврши притисок за договорот за примирје во Појасот Газа

Блинкен оди во Израел, се очекува да изврши притисок за договорот за примирје во Појасот Газа

Вашингтон, 18 август 2024 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска се очекува да пристигне во Израел, бидејќи преговорите за прекин на огнот во конфликтот во Газа достигнаа критична фаза, јави ДПА.

Блинкен планира „да продолжи со интензивните дипломатски напори“ на теренот во Израел, изјави во Вашингтон, портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател пред неговото заминување.

-Секретарот Блинкен ќе ја нагласи критичната потреба сите страни во регионот да избегнат ескалација или какви било други дејства што би можеле да ја поткопаат способноста за финализирање на договорот, рече портпаролот.

Преговорите беа одложени во петокот. Посредниците Египет, Катар и САД не постигнаа пробив меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас.

Според заедничкото соопштение, дводневните разговори во катарската престолнина Доха биле конструктивни. Пред крајот на следната недела е предвидено да се одржи уште една средба на високо ниво во Каиро.

Американската влада изразува уверување во однос на преговорите за прекин на огнот во конфликтот во Газа и истовремено бара подготвеност за компромис.

-Поблиску сме отколку што некогаш бевме, изјави американскиот претседател Џо Бајден пред новинарите на маргините на настанот во Белата куќа во петокот.

Според тројцата посредници, има предлог кој има за цел да ги намали „преостанатите празнини“. Ова е во согласност со принципите на мировниот план што Бајден го претстави на крајот на мај.

Планот првично предвидува целосен и неограничен прекин на огнот од шест недели. Во овој период ќе биде ослободена одредена група заложници кои ги држеше Хамас. За возврат, Палестинците затворени во Израел ќе бидат ослободени.

После тоа, борбите трајно ќе престанат, а останатите заложници ќе бидат ослободени. Во последната фаза ќе започне обновата на Газа, наведува ДПА. мс/

фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан