• недела, 21 јули 2024

Бесплатни униформи за сите основци и бесплатни ранци за првачињата во Кисела Вода

Бесплатни униформи за сите основци и бесплатни ранци за првачињата во Кисела Вода

Скопје, 27 мај 2024 (МИА) - Општина Кисела Вода и во новата учебна година ја продолжува мерката за бесплатни униформи за сите 5 600 основци и бесплатно ранче со училиштен прибор за секое прваче, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и посочи дека овие два проекта освен што го олеснуваат финансискиот товар за семејствата, значително ги намалуваат нееднаквостите во училиштата.

-Првиот училиштен ден за првачињата, но и за сите ученици од основните училишта воопшто, значи голема возбуда за нив и за нивните родители. Водени од тоа дека сѐ поскапиот живот во Македонија носи големи грижи и финансиски товар за семејството, посебно кога има еден или повеќе ученици на кои треба да им се обезбеди чанта, прибор и сѐ она што е неопходно за наставниот процес, го продолжуваме проектот „Ранче за секое прваче”. Сите над 600 првачиња од основните училишта на територијата на општина Кисела Вода ќе добијат бесплатно ранче, тетратки и прибор на првиот училиштен ден, изјави Ѓорѓиевски. 

Драго ми е, додаде, што овој проект кој изворно започна од Кисела Вода, силно одекна низ целата држава и го препознаа и другите колеги градоначалници со што и тие се одлучија првиот училиштен ден да биде запаметен по убави спомени и радост. 

-Бесплатни униформи ќе добијат и сите над 5.600 ученици од основните училишта од Кисела Вода. Ова е исто така значаен проект, посебно во услови кога социјалните разлики се доста изразени, а огромните разлики во финансиската моќ на родителите знаат да бидат извор на поделби, па дури и булинг. За таа цел, и оваа година ја продолжуваме мерката за бесплатни униформи која искуството од лани покажа дека значително се намалуваат нееднаквостите во училиштата. Ова исто така значи и стандардизација во кодексот ја облекување, што е и пример во високоразвиените земји, рече Ѓорѓиевски. 

Секој ученик од прво до деветто одделение во новата учебна година повторно ќе добие бесплатна униформа бидејќи, како што кажа, единственото поле за натпревар на децата треба да биде знаењето, а не финансиската моќ.вј/лв/

Фото: Општина Кисела Вода

 

 

Остани поврзан