• четврток, 29 февруари 2024

Бесими: „Златно правило“- капиталните инвестиции повисоки за 187 милиони евра од дефицитот во 2024 година

Бесими: „Златно правило“- капиталните инвестиции повисоки за 187 милиони евра од дефицитот во 2024 година

 Скопје, 26 ноември 2023 (МИА) - Буџетот за 2024 година е скроен според „златното правило“ во јавните финансии - „ако се задолжувате, тоа да биде само за инвестиции“. Капиталните инвестиции се проектирани во износ од околу 45 милијарди денари, или за 11,5 милијарди денари (187 милиони евра), повисоки од буџетскиот дефицит. Од друга страна, буџетскиот дефицит во буџетот за 2024 година е намален скоро за третина во однос на проекцијата за годинава. Проекциите на среден рок се буџетскиот дефицит да падне под Мастришките критериуми, посочува во најновата колумна посветена на буџетот за следната година, министерот за финансии, Фатмир Бесими. 

Буџетскиот дефицит, како што вели Бесими, е проектиран на 3,4% од БДП (од тоа само половина е примарниот дефицит, односно 1,7% од БДП, додека остатокот од дефицитот оди за плаќање на каматите за долгот акумулиран од минатото до сегашниот период). Ова ниво соодвествува со среднорочните проекции во Фискалната стратегија до 2028 година, каде е предвидено буџетскиот дефицит во 2025 и 2026 година да се сведе на 3% или согласно Мастришките критериуми, додека во 2027 и 2028 година да падне и под 3%, односно 2,8% и 2,5%, респективно.

-Развој и одржливост – тоа се двата клучни збора кои го опишуваат буџетот за 2024 година. Буџетот за 2024 година е развоен, поради силниот инвестициски циклус во инфраструктурата кој продолжува следната година. Буџетот е одржлив, бидејќи и покрај високата инфраструктурна компонента, продолжуваме со фискалната консолидација, истакнува министерот за финансии.

Планирани, како што наведува Бесими, се значајни инвестициски вложувања во областа на патната инфраструктура, поврзани со проектирање и изградба на Коридор 8, односно проширување на автопатот Тетово-Гостивар, изградба на нов автопат Требеништа–Струга–Ќафасан, изградба на делницата Гостивар-Букојчани, и на Коридорот 10 д, изведба на делницата Прилеп–Битола и физибилити студија за изградба на патот Тетово-Призрен. Планирано е  да продолжи изградбата на источниот дел од патниот Коридор 8, делницата Ранковце-Крива Паланка и до границата со Бугарија, како и западниот дел, делницата Кичево-Букојчани. Проектирани се средства и за автопатот Скопје-Блаце.

-Продолжува изградбата и рехабилитацијата на источниот дел од железничката пруга на Коридор 8, како и заеднички железнички граничен премин со Србија. Во буџетот се проектирани средства и за голем број други капитални проекти во делот на комуналната инфраструктура и управување со отпад, енергетска ефикасност, уредување на технолошко индустриските развојни зони, здравствениот и образовниот сектор, детската заштита и спортот, земјоделскиот сектор, како и за Интегрираниот систем за управување со даночни информации и Системот за управување со информации за државна помош, како дел од концептот на SMART Finance, пишува Бесими. дма/мч/

Фото: МИА архива

Остани поврзан