Белгија ќе го забрза имплементирањето на планот со мерки за заштита од дронови
- По минатонеделниот инцидент со регистрираните дронови над воената база „Елзенборн“, Белгија планира некои од мерките за заштита од беспилотни летала предвидени за 2026 година, да ги имплементира уште во текот на оваа година, најави белгискиот министер за одбрана Тео Франкен.
Брисел, 6 октомври 2025 (МИА) – По минатонеделниот инцидент со регистрираните дронови над воената база „Елзенборн“, Белгија планира некои од мерките за заштита од беспилотни летала предвидени за 2026 година, да ги имплементира уште во текот на оваа година, најави белгискиот министер за одбрана Тео Франкен.
- Ситуацијата е итна. Ќе го поднесам овој предлог до Владата во рок од две недели, изјави Франкен.
Според него, изгубено е премногу време, па затоа мора да се забрзаат напорите за заштита од дронови.
- Не сме во војна, туку во воена криза. Заканата станува се поакутна, додаде Франкен.
Тој истакна дека се согласува со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој оцени дека дроновите и вештачката интелигенција се поголема закана од нуклеарното оружје.
- Нуклеарното оружје едноставно е премногу масовно деструктивно и затоа и не се користи никогаш или речиси никогаш. Од друга страна, дроновите се користат секој ден. Тоа е уште еден начин да се води војна, да се врши притисок, да се сее паника и да се дестабилизира општеството, смета белгискиот министер.
Франкен го назначи генералот Мишел Ван Стритем да раководи со тимот за изработка на Акциски план за заштита од беспилотни летала, со што тој го доби прекарот „генерал за дронови“.
Според белгиските медиуми, мерките ќе имаат за цел структурирано следење и известување за инциденти со беспилотни летала, опремување на воените бази со технологија за таа намена и изградба на систем за борба против дронови од класите 1 и 2, тешки до 600 килограми.
Во ноќта меѓу четвртокот и петокот над воената база „Елзенборн“, што се наоѓа во источна Белгија во близина на границата со Германија, беа регистрирани 15 дронови, кои се појавиле од непознат правец, по што се упатиле на германска територија.
На прашање дали зад овој инцидент стои Русија, министерот Франкен во петокот изјави дека е можно, но дека нема конкретни докази за тоа.
На истото прашање, Франкен сега изјави дека постои реална можност дека станува збор за руски дронови.
- Тие се активни низ цела Европа, но не е лесно да се пронајдат. Значи, случајот се истражува, но ние мора да се вооружиме против таа закана, додаде Франкен. сп/ссм/
Фото: МИА Архива