• сабота, 04 јануари 2025

Белгиски градоначалници бараат сеевропска забрана за продажба на пиротехника  

Белгиски градоначалници бараат сеевропска забрана за продажба на пиротехника  

Брисел, 3 јануари 2025 (МИА) - Здружението на фламанските градови и општини (ВВСГ) повикаа на воведување на забрана на продажбата на пиротехнички материјали на физички лица на ниво на Европската Унија. 

Ваквото барање следи по повеќето инциденти и повреди со пиротехнички материјали за време на новогодишните прослави изминативе неколку години. 

- Од година во година гледаме дека има жртви, дека луѓето се здобиваат со повредени на нозете и рацете, изјави претставничката на покренувачите на иницијативата Натали Дебаст. 

Покрај ова, според неа, ескалираат и случаи кога пиротехниката се користи за напади врз припадници на службите за итни случаи и врз полицајци. 

Неколку белгиски општини веќе воведоа локални забрани за продажба на пиротехнички материјали, иако, според ВВСГ, ваква забрана во Белгија требало да биде воведена на национално ниво. 

Меѓу локалните самоуправи кои воведоа вакви забрани годинава беше и Градот Брисел, но тоа не ја спречи употребата на пиротехника во текот на новогодишната ноќ. Бриселската полиција регистрирала над 1.700 „инциденти“ поврзани со пиротехнички материјали, а само во текот на новогодишната ноќ во Брисел биле приведени 159 лица поради користење пиротехника. 

Поради ваквите искуства, ВВСГ оценува дека локални или национални забрани не се доволни за справување со проблемот, туку дека е потребно „европско ембарго за продажба“ на пиротехнички материјали. 

Според ВВСГ, оваа забрана за продажба треба да важи во сите земји членки на ЕУ, со цел да се спречи луѓето да можат да набавуваат пиротехника во соседните држави. 

ВВСГ соопшти дека во врска со нивната иницијатива веќе контактирале со претставници на белгиските федерални власти, а сега имаат намера да го сторат тоа и со партнерските организации во соседните земји, со Европскиот комитет на регионите и со Европскиот парламент. 

Но, организацијата Глобална акција во интерес на животните (ГАИА) изразува скептицизам околу ефикасноста на ваквата мерка. 

Според директорката на ГАИА, Ен де Гриф барањата од типот „Европа мора да се справи со тоа“, вообичаено се само изговор за политичарите да не преземат ништо во нивната земја членка на ЕУ.

- Се надевам дека Белгија конечно ќе ја забрани пиротехниката, бидејќи на новогодишната ноќ повторно имаше животински жртви. Убиено е куче, крава имаше срцев удар, има убиени коњи. Е па доста е, изјави Де Гриф, додавајќи дека сега „топката е на теренот на белгиската Влада“. сп/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан