Бела куќа: Г7 постигна многу добар напредок за користењето на руските средства за Украина, се надеваме дека лидерите ќе го склучат договорот
- Г7 постигна „многу добар“ напредок во користењето на замрзнатите руски средства за Украина и лидерите се надеваат дека ќе постигнат договор денеска на самитот во Италија, соопшти Белата куќа.
Вашингтон, 13 јуни 2024 (МИА) - Г7 постигна „многу добар“ напредок во користењето на замрзнатите руски средства за Украина и лидерите се надеваат дека ќе постигнат договор денеска на самитот во Италија, соопшти Белата куќа.
„Договорот се очекува кога лидерите, вклучително и американскиот претседател Џо Бајден, ќе седнат на разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски“, изјави советникот за национална безбедност Џејк Саливан.
„Постигнат е многу добар напредок во дискусиите меѓу делегациите на Г7 овде за да се постигне договор. Се надеваме дека до моментот кога лидерите ќе се сретнат денеска, ќе имаме заедничка визија“, им рече Саливан на новинарите кои патуваат со Бајден.
Договорот се очекува да вклучува заем од 50 милијарди долари за Киев, обезбеден од идните профити од каматите на 300 милијарди евра од средствата на руската централна банка замрзнати по инвазијата во февруари 2022 година.
„Италијанското претседавање (со Групата седум богати нации) направи многу добра работа со тоа што ги собра сите на маса“, додаде Саливан. паг/
Фото: МИА архива