• недела, 21 јули 2024

Белата куќа смета дека Израел прави напори да го намали бројот на цивилни жртви во Газа

Белата куќа смета дека Израел прави напори да го намали бројот на цивилни жртви во Газа

Вашингтон, 3 декември 2023 (МИА) - Белата куќа денеска објави дека Израел „вложува напори“ да го намали бројот на цивилни жртви во Газа од обновувањето на конфликтот по седумдневниот прекин на огнот, а во момент кога се засилија повиците од меѓународната заедница за заштита на палестинските цивили.

- Сметаме дека тие беа приемчиви за нашите пораки да се минимизираат цивилните жртви. Во нашите разговори со нив тие рекоа дека се согласуваат оти намалувањето на цивилните жртви и минимизирањето на штетата на цивилната инфраструктура е важно за нив, дека тие го разбираат тоа, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби за Ен Би Си.

Според Кирби, израелската војска ја продолжи офанзивата во северниот дел на Газа „на помал и попрецизен начин“, посочувајќи дека Израел во изминатите два дена објави и онлајн мапа која прикажува каде цивилите можеа да избегаат од борбите и да најдат засолниште.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин вчера предупреди дека Израел ризикува „стратешки пораз“ во Газа ако не направи повеќе за заштита на цивилите.

Потретседателката на САД Камала Харис, пак, во изјава за новинарите на климатската конференција COP28 во Дубаи, порача дека Израел има право да се брани, но важно е како го прави тоа. 

- Соединетите држави се недвосмислени: мора да се почитува меѓународното хуманитарно право. Убиени се премногу невини Палестинци. Искрено, размерите на цивилното страдање и сликите и видеата кои доаѓаат од Газа се поразителни, рече Харис.са/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан