• среда, 24 јули 2024

Белата куќа го повика Конгресот да преземе мерки во врска со средствата за Украина

Белата куќа го повика Конгресот да преземе мерки во врска со средствата за Украина

Вашингтон, 4 декември 2023 (МИА) - Белата куќа денеска го повика американскиот Конгрес да преземе мерки за да може да се гласа за нови средства за Украина до крајот на годината.

„Сакам да бидам јасен: ако Конгресот не дејствува до крајот на годината, нема да има доволно средства за да продолжи да ја снабдува Украина со оружје и опрема“, рече директорката на Канцеларијата за управување и буџет на Белата куќа, Шаланда Јанг, во писмо упатено до претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон.

Претставничкиот дом е под контрола на Републиканската партија.

„Не располагаме со магично финансирање за да се справиме со вонредната состојба. Привршуваме со средствата и наскоро ќе немаме ниту време“, предупреди Јанг во своето писмо.

Ветувањето е итна помош во износ од повеќе од 100 милијарди долари, побарана од американскиот претседател Џо Бајден на 20 октомври. Тој ги побара овие средства за да може Соединетите Американски Држави да се справат со главните предизвици со кои се соочуваат. Еден од овие предизвици е потребата да се обезбеди помош за Израел и Украина.

„Прекинот на снабдување со американско оружје и опрема ќе ги скрши воените напори на Украина, ќе го загрози напредокот што го постигна Украина и ќе ја зголеми веројатноста за руски победи“, се вели во писмото на Шаланда Јанг.

„Нашата воена помош веќе е намалена“, забележува таа.

„Ова не е проблем за следната година. Сега треба да и помогнеме на демократска Украина да се бори против руската агресија“, посочува Јанг.

Американскиот Конгрес треба да го одобри буџетот за фискалната година која започна на 1 октомври, што значи дека сè уште не е јасно дали барањето на Џо Бајден од 20 октомври ќе биде уважено. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан