• четврток, 21 ноември 2024

Бектеши: Треба да се репреговара со еден од четирите стратешки инвеститори во делот на енергетиката

Бектеши: Треба да се репреговара со еден од четирите стратешки инвеститори во делот на енергетиката

Скопје, 9 февруари 2024 (МИА) – Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека треба да се репреговара со еден од вкупно четирите стратешки инвеститори во делот на енергетиката за кои согласно Законот за стратешки инвестиции Владата до Собранието достави предлог закони за реализација на стратешките инвестициски проекти, по скратена постапка, кои веќе го поминаа првиот собраниски филтер. За него, како што вели, е спорно да се дава директна државна помош од страна на Владата за профитабилни инвестиции и ако е потребно и формално правно Министерствтоо за економија ќе бара враќање на одредени решенија во владина процедура за да се преговараат од почеток.

-Имаме четири стратешки инвестиции кои се пратени од страна на Владата во Собранието. За една од нив мислиме дека треба да се репреговара со потенцијалниот стратешки инвеститор за одредени работи имајќи ги во предвид и мислењата од надлежните институции како што се Државниот правобранител, Комисијата за заштита на конкуренцијата, министерствата за финансии, за транспорт и врски, за земјоделство, за животна средина, ЕСМ, МЕПСО и други институции кои треба дополнително да го дадат своето мислење. Не би сакал да ја наведам компанијата заради тоа што мислам дека не било фер од моја страна да наведам одредена компанија од прес-конференција, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

За една од нив, додаде, ќе бараме дополнително објаснување.

-Согласно Стратегијата за развој на енергетиката и законските прописи кои произлегуваат од Законот за енергетика, а и веќе сме во подготовка на нов закон за обновливи извори на енергија, имаме уредби и правилници кои утврдуваат начини за поддршка за поттикнување на инвестиции во делот на енергетиката на обновливи извори за енергија. Што значи ова? Претходно имавме механизми и мерки во вид на фидинг тарифи со цена која беше утврдена за одреден период, а сега ги сменивме со што дополнително дадовме можност за нашата државна компанија во овој случај ЕСМ да може да склучи и договори за откуп на електрична енергија согласно критериумите кои се во интерес на ЕСМ и согласно динамиката на производство на електрична енергија од страна на ЕСМ. И тоа за мене не е спорно, бидејќи тоа е во рамки на преговорите кои генерално ги прави ЕСМ за нивните потреби, кои го снабдуваат универзалниот снабдувач, а воедно и малите потрошувачи. За мене спорно би било и тоа што го слушаме и од експертите и од анализите кои ги правиме за лиценцирани рентабилни, профитабилни инвестиции да се дава директна државна помош од страна на Владата, потенцира Бектеши. 

Мислам, додаде, дека таквите инвестиции кои веќе имаат еден вид на државна помош – било тоа фидинг тарифи или договори за откуп на електрична енергија веќе ја користат државната помош од страна на Владата и би било спорно да им се даде дупла државна помош. 

-Од тоа што го добиваме во делот на анализите не знам дали има ваков пример не само во регионот и во другите држави за една иста инвестиција да имаме два или три вида на помош. За една помош – да, тоа го прават сите држави во светот, но да имаме два или три вида помош за една инвестиција мислам дека би било спорно. Затоа многу внимателно треба да се гледаат тие предлози и тие барања од страна на стратешките инвеститори, порача Бектеши.

Појасни дека Министерството за економија не го дала предлогот за стратешки инвестиции, туку го извршило само формалниот дел за да се стават на владина седница.

-По медиуми излегува дека Министерството за економија го дало предлогот. Не е така. Во делот на Законот за стратешки инвестиции има формирано Комисија од одредени членови и Министерството за економија само го врши формалниот дел за да се прикачи на седница на Владата одреден предлог-договор или во случајов  предлог-закон каде што анекс им е договорот кој вие сте го виделе и кој е веќе објавен. За некои од тие стратешки инвестиции јас лично заедно со моите советници мислиме дека треба да бидат променети одредени работи или пак да се преговараат со заинтересираните страни затоа што ние како Министерство за економија не сме биле директно вклучени во преговарањето, посочи Бектеши.

За другите, истакна, мислам дека веќе имаме анализи од многу реномирани интернационални институции кои се следени и во тој дел се инкоропорирани сите тие нивни препораки во постоечките законски решенија и предлог-договори кои се анекс на законските решенија. 

-Затоа, во понеделник или вторник како Министерство за економија ќе бараме дополнително објаснување од тимот кој бил вклучен во преговорите и тоа што е прифатено од страна на Комисијата која е формирана од Владата за една од инвестициите која е веќе во собраниска процедура. Ако е потребно подготвени сме како Министерство за економија и формално правно да бараме враќање на одредени решенија во владина процедура за да се преговараат од почетокот, рече Бектеши.

На дневниот ред на 140. седница на Собранието се ставени Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос“, когенеративна постројка Скопје, по скратена постапка, Предлог-законот за реализација на Стратешкиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“ и Договор за стратешки инвестициски проект „Соларен парк Стипион“, по скратена постапка, Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ, по скратена постапка и Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект соларна електрична централа - Пехчево, по скратена постапка.

Здружението на инженери на Република Македонија (ИНРМ) пред почетокот на седницата достави допис и упати електронска порака до секој пратеник во Собранието поединечно, со кои бараат да не даваат поддршка на четирите, како што велат, штетни предлог закони за реализација на стратешки енергетски инвестициски проекти зашто го нарушуваат енергетскиот суверенитет на државата.

Сепак, предлог законите веќе го поминаа првиот филтер во Собранието со 58 гласа „за“ и 31 „против“ и ќе одат на расправа во матичните комисии за економски прашања и законодавно правната по што ќе се носат по скратена постапка. вј/аа/

Фото: Принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан