• понеделник, 23 декември 2024

Без исход истрагите за објавувањето имиња на позитивни или лица во изолација поради Ковид-19

Без исход истрагите за објавувањето имиња на позитивни или лица во изолација поради Ковид-19
Скопје, 20 февруари 2021 (МИА) - Болни, живот во неизвесност, револтирани, обележани, соочени со дополнително оптoварување по психичкото здравје... Вака во кратки црти може да се опише она што го преживуваат повеќемина граѓани чии имиња беа јавно објавени на социјалните мрежи и споделувани на вибер откако заболеа, беа или се во изолација поради Ковид-19. Од почетокот на пандемијата во земјата се забележани неколку случаи на повреда на приватноста на граѓани болни или во изолација поради Ковид-19. Со објавувањето на нивните лични податоци без нивно знаење и без нивна согласност се прекршени нивните основни човекови права. Случајот со објавувањето на списоците на лица позитивни на Ковид-19 и во изолација во Куманово беше обелоденет на почетокот на пандемијата, а неколку месеци подоцна во јавноста беше откриена и охридската вибер група. За овие два случаи постапки покренаа надлежните обвинителства, но се уште нема никаков исход од истрагите за тоа кој ги објави имињата на кумановци, и кој ги објавува имињата на сограѓаните охриѓани и со тоа ја нарушува нивната и приватноста на нивните семејства. Разговаравме со неколкумина граѓани од Куманово и од Охрид, но и од други места. Оние што се нашле на списоците се револтирани и биле изложени на дополнителен стрес и покрај болеста или во неизвесна изолација. Останатите кои имале увид во нив сметаат дека тоа е направено од причини што некои од заразените и покрај забраната за излегување, се шетале, пазареле по дуќани и слично, и го доведувале во прашање здравјето на други лица. Сепак, признаваат дека не би сакале да си го видат името во еден таков список или вибер група. Дел од оние со кои зборувавме велат дека некои нивни познати од страв да не се најдат на некои од списоците или нивното име да не се појави во јавноста, за да си го заштитат бизнисот или од други причини, не отишле да се тестираат иако имале симптоми или имале сериозни причини да веруваат дека се болни од Ковид-19. Избегнување на тестирање поради долгата изолација и непријавување на контакти се појави што се забележуваат секаде, коментираат граѓаните со кои разговаравме. На кумановскиот список, минатата година во средината на март, се најдоа и лица кои не биле позитивни на Ковид-19 и кои поради фактот дека нивните имиња се нашле таму преживеале голем стрес. - Буквално бев шокирана кога ги видов списоците кои се ширеа по социјалните мрежи, а меѓу нив моето и името на сопругот, вели една кумановка која речиси по една година, се уште не може да поверува дека списокот со имиња на луѓе кои биле во изолација или заболени од коронавирус се ширеше по Куманово. Кумановката и сопругот патувале во држава во Западна Европа и после сите патешествија поради ширењето на вирусот, со затворање на граници, аеродроми, слетување во друга држава, наместо да се релаксираат во удобноста и приватноста на домот, морале да преживуваат дополнителен стрес што нивните имиња кружат во пораки на социјалните мрежи. - Едвај дојдовме, едвај стигнавме до дома. Бевме во изолација, тогаш таква беше одлуката. Знаете како, иако, бевме негативни на тест, пак ти поминува низ глава дали случајно заболевме и наместо да се смириме малку, по неколку дена откако дојдовме ги гледам нашите имиња на список што кружи во приватни пораки на Фејсбук. Најмалку десет луѓе, мои пријатели роднини ми го препратија списокот, вели кумановката. Таа не поднела тужба, затоа што не знае кого да тужи, но крајно е револтирана што се објавени нејзини лични податоци. Нема исход од истрагите за тоа кој објавува имиња Во Државното јавно обвинителство се оформени предмети за двата случаи, но сторителите на овие кривични дела досега не се откриени, а обвинителите бараат информации од полицијата. Во врска со кумановскиот случај, од обвинителството за МИА информираат дека по предметот постапува Основното јавно обвинителство Куманово и оти до овој момент не е откриен сторителот, поради што предметот се води против непознат сторител. - Јавниот обвинител кој постапува по предметот до надлежните институции достави Наредба за собирање информации, наведуваат од ЈОРМ. За случајот со објавувањето на имињата на лицата позитивни на Ковид -19 во вибер група во Охрид е оформен предмет по допрен глас и надлежниот обвинител доставил барање за информации до СВР Охрид, но и таму обвинителот не добил одговор на барањето. - Основното јавно обвинителство Охрид по допрен глас оформи предмет за објавените имиња на лица кај кои е утврдено присуство на вирусот Ковид-19. Надлежен јавен обвинител достави барања за податоци до СВР Охрид, во насока на утврдување на лицата кои ги објавиле списоците и нивна евентуална кривична одговорност. На поднесеното барање до овој момент не се доставени потребните информации, по што Обвинителството до надлежниот орган достави и ургенција. По пристигнување на информацијата, по нејзино разгледување и анализа, јавниот обвинител ќе донесе одлука за натамошниот тек на постапката, информираат за МИА од Обвинителството. Кривичната пријава за случајот во Куманово ја поднесе Агенцијата за заштита на лични податоци, а исто така до Ообвинителството се доставени сите документи со кои располага, а се однесуваат на охридската вибер група. Агенцијата е вклучена по различни основи во сите случаи со прекршувања на приватноста на граѓаните во случаи со Ковид-19. По почетокот на пандемијата, по воведувањето на вонредната состојба, рестрикциите и мерките за Ковид-19 тие на својата веб- страница објавија и препораки за заштита на приватноста и личните податоци што се смета за човеково право. Агенцијата, исто така, е консултирана од властите и за апликацијата Стоп Корона и воспоставувањето на сајтот за вакцинација за ковид vakcinacija.mk. Заменик-директорот на Агенцијата, Игор Кузевски за МИА вели дека случаите би ги поделил во три групи: и тоа случајот од почетокот на пандемијата во Куманово, вибер групата во Охрид и објавувањето на имињата на лицата кои не примија решенија за изолација од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи не можеа да бидат пронајдени. - Во однос на првиот случај во Куманово, бидејќи имавме елементи за основано сомнение за сторено кривично дело поднесовме кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство. Очекуваме повратен одговор (фидбек) од нивна страна, но се уште го немаме. Притоа фидбекот не мора да биде насочен само кон нас, туку може да биде насочен и директно и кон жртвите кои се таму обајвени и кои се препознаваат во тие списоци, вели Кузевски. За случајот со објавувањето на имиња на лица наводно позитивни на Ковид-19 во Охрид, од технички аспект тој прави паралела со случајот со „Јавна соба“, но нагласува дека целта е различна.

- Значи две групи, со тоа што во „Јавна соба“ целта на таа група е една, а во оваа друга вибер група целта е сосема друга, значи некаква комуникација за податоци во врска со здравјето. За двата случаи е заедничко злоупотреба на личните податоци, само различни категории на податоци. И во вториот случај за Охрид, ние имавме обраќање од едно лице до Агенцијата, кое не достави никаков конкретен доказ дека лицето е внатре во тие списоци, но сепак бидејќи имавме сознанија дека има таква комуникација, целокупните списи што ги имавме во врска со тој случај повторно ги проследивме до МВР заради понатамошно процесурирање бидејќи повторно станува збор за кривично дело, вели заменик-директорот на Агенцијата. Во врска со објавувањето на списоците на лицата кои не примија решение за изолација од ДСЗИ, бидејќи не биле пронајдени или не навеле точни адреси, Кузевски вели дека согласно Законот за општа и управна постапка и согласно нивните матични закони во случај ако има конкретна адреса, а странката одбегнува и не дава точен податок е дозволено да се објават јавно и притоа се смета дека станува збор за уредна достава на решение. - И во тој случај не станува збор за злоупотреба на лични податоци, бидејќи станува збор за законита обработка на лични податоци, наведува тој. Vakcinacija.mk, СтопКорона, Ковид Калкулатор Голем дел од обврските што никогаш не сме ги правеле преку компјутер, сега ги извршуваме токму така. Пред се поради вонредната состојба, рестрикциите, дистанцата, а потоа нашиот свет како речиси целосно да станува дигитален. За безбедноста на нашите лични податоци се одговорни контролорите, односно креаторите на веб-страниците што ги користиме, но секој од нас треба да биде свесен дека исто така сноси одговорност доколку едноставно само ги остави податоците, без да ги прочита правилата и „колачињата“. За да им се помогне на граѓаните во справувањето со Ковид-19, властите ги креираа vakcinacija.mk, веб страната на Министерството за здравство за пријавување за вакцинирање против Ковид-19, која функционира на принцип на собирање на лични податоци, и апликацијата СтопКорона, за која се тврдеше дека е безбедна во однос на заштитата на личните податоци. Во однос на веб страната за пријавување за вакцинација од Агенцијата за заштита на лични податоци соопштија дека биле на состанок во Министерството за здравство и дека советувале на самата веб-страна да се утврди политика на „колачиња“ и политика на приватност, во која ќе се опише кои категории на податоци се обработуваат, почнувајќи од име и презиме, па се до изразување интерес за примање на вакцината, јасно да се декалира дека контролор на податоците што ќе се соберат е Министерството за здравство, за евентуална одговорност. Од таму, исто така, наведуваат дека било укажано оти е потребно да се минимизира ризикот од евентуално лажно пријавување во туѓо име, односно да се обезбеди автентикација на пријавувањето преку извор на комуникација од друго место. Доколку лицето го остава името, презимето и матичниот број, да го остави и имејлот преку кој подоцна би се добил код за да се влезе во системот за распоред за вакцинирање во реонот каде што лицето се определило. Македонското здружение за заштита при работа неодамна го објави Калкулатор за пресметка на ковид-ризик, кој исто така функционира на база на собирање податоци, како основни, така и медицински. Елизабета Вељановска Најдеска  Александра Максимовска  Фото: Дарко Попов Видео: Аслан Вишко

Остани поврзан