• среда, 10 април 2024

Бајден на средба со конгресните лидери во обид да се избегне блокада на владата

Бајден на средба со конгресните лидери во обид да се избегне блокада на владата

Вашингтон, 27 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на САД Џо Бајден денеска планира средба со конгресните лидери на која ќе се дискутира за финансирање на владата во време кога станува поизвесна заканата од блокада (shutdown), соопштија од Белата куќа.

Бајден во Белата куќа се среќава со водечките демократи и републиканци од Претставничкиот дом и Сенатот да разговара со нив за „неодложно“ усвојување на нацрт законот за финансирање на владата, најдоцна до петок на полноќ.

Тој, исто така, планира да разговара и за заглавениот нацрт-закон за национална безбедност со кој се предвидува помош за Украина, Израел и Тајван.

Средбата се случува кога законодавците се најдоа во ќорсокак во обидите да се избегне делумно запирање на работата на владата.

Лидерот на демократското мнозинство во Сенатот Чак Шумер изјави дека се уште се нема постигнато договор. Тој го повика спикерот на Претставничкиот дом републиканецот Мајк Џонсон „да пројави повеќе иницијатива“ и да се изнајде двопартиски компромис, и покрај протестите од најконзервативните законодавци од неговата партија.

Џонсон сопшти дека републиканците покажуваат волја да се продолжи со разговорите за ова.

Финансирањето на некои федерални установи како Министерството за транспорт запира на 1 март. За некои други, како Министерството за одбрана тој датум е  8 март. кб/ссм/

фото: архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан