• сабота, 27 јули 2024

Африм Гаши предложен за претседател на Собранието со 75 потписи од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ

Африм Гаши предложен за претседател на Собранието со 75 потписи од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ

Скопје, 28 мај 2024 (МИА) - Со потписи од 75 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, претседателот на Алтернатива која е дел од Коалицијата „Вреди“ Африм Гаши е предложен за претседател на Собранието.

Пратениците од „Европски фронт“ ја напуштија собраниската сала, каде се одржува конститутивната седница на новиот собраниски состав.

Изет Меџити од коалицијата „Вреди“, како предлагач, кажа дека Гаши е осум години односно три мандати пратеник и дека се работи за политичар кој не се споменува во случаи за корупција.

- Чест е за сите нас Собранието да го води ваков политичар, рече меѓу другото Меџити.

Претходно, беше избран составот на Комисијата за прашања за именувањата и изборите.

Собранието денеска во рамки на конститутивната седница со 101 глас „за“ од вкупно 117 присутни го усвои извештајот на Верификационата комисија и со тоа ги верифицира мандатите на 118 пратеници. Со тоа им престана мандатот на пратениците од стариот собраниски состав. На новите пратеници кои се носители на други функции исто така им престана функцијата. На вкупно шест пратеници им прекинува функцијата во Владата заради што Владата ќе ги извршува само техничките функции до изборот на новата влада. фф/ев/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан