• недела, 22 декември 2024

Астон Мартин сака да го задржи Алонсо по крајот на 2024 година

Астон Мартин сака да го задржи Алонсо по крајот на 2024 година

Силверстоун, 13 март 2024 (МИА) - Фернандо Алонсо ја вози својата 21-ва сезона во Формула 1 оваа година и гледајќи од страна, Шпанецот нема намера наскоро да се пензионира. Моментално вози за тимот на Астон Мартин, а договорот му истекува на крајот на годината.

Двократниот светски шампион е едно од водечките имиња на пазарот на возачи пред сезоната 2025, која допрва треба да стане динамична. Алонсо се поврзува и со преселба во Мерцедес каде има едно празно место, но и со потенцијален трансфер во Ред Бул.

Сепак, шефот на неговиот сегашен тим, Мајк Крак, не се откажува од идејата да се бори за нов потпис на Алонсо, кој во Силверстоун пристигна на почетокот на 2023 година. Стартот на двократниот шампион во Астон Мартин беше многу позитивен, со шест подиуми во првите осум старта, но потоа формата на тимот опадна, а беа претекнати од Ферари, Мерцедес и Мекларен.

За време на ГН на Саудиска Арабија минатиот викенд, самиот Алонсо рече дека ќе донесе одлука за својата иднина „во наредните недели“. Првиот дел од одлуката на Шпанецот се однесува на неговото останување во Формула 1 воопшто, а дури потоа се поставува прашањето за кој тим би возел.

- Не е тајна дека Фернандо пред се треба да одлучи дали сака да продолжи понатаму. Од наша страна имаме голема желба да продолжиме да работиме со Алонсо и најважно е да му дадеме брз болид. Тој верува во проектот, верува во тимот - за се друго ќе зборуваме во наредните недели. Јасно е дека возач од неговиот калибар е атрактивна опција за секого, тоа е јасно, но ние ќе се обидеме да го задржиме, објасни Крак. дс

Фото: Твитер/Фернандо Алонсо

 

Остани поврзан