• сабота, 21 декември 2024

Аргентинската полиција уапси член на „Црвените бригади“, баран од Италија

Аргентинската полиција уапси член на „Црвените бригади“, баран од Италија

Буенос Аирес, 30 август 2024 (МИА) - Полицијата во Буенос Аирес го уапси поранешниот член на екстремно левичарската организација „Црвени бригади“, Леонардо Берталуци, објавија странските агенции, повикувајќи се на аргентинската влада.

Тој е баран од италијанскиот правосуден систем за злосторства извршени како дел од организацијата.

Локалните медиуми објавија дека Берталуци бил обвинет за злосторства, вклучително и киднапирање и дека со години бил во Аргентина како бегалец, статус што го изгубил под сегашната ултра-либерална влада на претседателот Хавиер Милеј.

„Берталуци е одговорен за злосторства кои ги поткопуваат демократските вредности и животите на многу жртви“, се вели во соопштението на аргентинската влада.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја поздрави веста за апсењето и истакна дека Берталуци веќе е осуден во Италија на 27 години затвор за дела поврзани со тероризам.

„Црвени бригади“ е екстремно левичарска организација активна во Италија во 70-тите и 80-тите години на 20 век, станувајќи позната по голем број злосторства. Меѓу нив е и киднапирањето и убиството на поранешниот италијански премиер Алдо Моро. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан