• петок, 05 декември 2025

Апелациониот суд во Штип донесе одлуки по жалбите за мерките притвор поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани

Апелациониот суд во Штип донесе одлуки по жалбите за мерките притвор поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани

Скопје, 29 април 2025 (МИА) - Апелациониот суд во Штип соопшти дека се завршени постапките по жалбите поднесени на решенијата за притвор во врска со случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Од вкупно осум предмети, во седум случаи жалбите се одбиени како неосновани, а решенијата на Основниот суд во Кочани се потврдени.

Само во еден случај, жалбата на обвинетиот Е.М. е уважена, при што првостепеното решение за притвор е преиначено и заменето со мерка куќен притвор, заедно со дополнителни мерки на претпазливост.

Останатите жалби – поднесени од К.Б., Н.И., Р.Ч.Д., М.С., Б.Х., М.Ѓ. и Р.Д. – се одбиени, а мерките притвор или куќен притвор остануваат на сила.

Штипската Апелација вчера соопшти дека постапуваат по 17 жалби за изречени мерки „притвор“, „куќен притвор“ и мерки на претпазливост поднесени од лица опфатени со истрагата за пожарот. Три жалби се пристигнати во петокот, а вчера 14 жалби.

Во истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година, а во кој загинаа 62 лица, се осомничени 68 физички и три правни лица. ар/aa/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан