• недела, 22 декември 2024

Апасиев оствари официјална средба со Кубанската амбасадорка

Апасиев оствари официјална средба со Кубанската амбасадорка

Скопје, 13 септември 2024

Денес, 13 септември 2024 година (петок), претседателот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, заедно со пратеникот Амар Мециновиќ, остварија работна средба со нерезидентната амбасадорка на Република Куба, Н.Е. Мариета Гарсија Хордан.
 
На оваа прва официјална средба, која се одржа во т.н. Струшка соба во Собранието на Република Македонија, се разговараше за повеќе актуелни теми од билатерално и мултилатерално значење, а меѓудругото стана збор за: историските врски помеѓу Македонија и Куба во Движењето на Неврзаните, сегашните потешкотии со кои се соочуваме и можноста за идна соработка. 

Амбасодорката Хордан и нејзината придружба информираа за овогодишното поднесување на Резолуцијата во Обединетите Нации за подигање на нечовечкото ембарго наметнато од САД, кон крајот на октомври и за меѓународната иницијатива за декларација за симнување на Република Куба од американската листа на ,,држави кои поддржуваат тероризам". Пратениците на Левица ќе се приклучат кон оваа резолуција. 
 
Пратеникот Апасиев ја истакна солидарноста помеѓу нашите држави во минатото и повторно ја нагласи насилната промена на уставното име против волјата на народот за влез во НАТО, како и ембаргото од 90-те од нашиот јужен сосед - две ситуации со кои се соочила Република Македонија, а низ кои ни се отсликува и борбеноста на Република Куба која со децении е под блокади од својот сосед и под империјалистички притисок кој го потиснува кубанскиот интерес.
 
На средбата се дискутираше и за воспоставување на директна соработка помеѓу Левица и Комунистичката Партија на Куба како идеолошки сродни партии. Од заедничкото минато во Неврзаните, до денешната борба против империјализмот - кубанскиот и македонскиот народ стојат рамо-до-рамо во борбата на Глобалниот југ.

Левица

________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото Левица
 

 

Остани поврзан