• понеделник, 23 декември 2024

Антробот - микроробот направен од обична човечка клетка

Антробот - микроробот направен од обична човечка клетка

Бостон, 1 декември 2023 (МИА) - Научници од Универзитетот Тафтс и Институтот „Вис“ при Универзитетот Харвард во САД создале мали роботи од човечки клетки коишто можат, на пр., самостојно да се движат по лабораториски сад. Целта е еден ден ова откритие да може да помогне во лекувањето рани и оштетено човечко ткиво, објави „Си-ен-ен“.

Малите роботи не може да се видат со голо човчко око, но имаат сѐ повеќе човечки својства, па науката ги нарече овие нови вештачки суштества - „антроботи“ ('anthrobots' - скратено од ’антропоморфни роботи‘). Истражувањето се надоврзува на претходната работа на некои од овие научници, кои ги направиле првите „живи роботи“ наречени „ксеноботи“, добиени од матични клетки и ембриони на африканска жаба. Истражувањето е објавено во списанието „Адвансд сајенс“ (Advanced Science).

- Некои луѓе мислеа дека својствата на ксеноботите премногу се потпираат на фактот дека тие се ембрионални и со потекло од водоземците. Мислам дека ова нема никаква врска со тоа што (роботот) во основа е ембрион... Или со тоа што е жаба. Мислам дека ова е многу поопшто својство на живите суштества. Не ги сфаќаме сите компетенции што ги имаат нашите сопствени телесни клетки, појасни авторот на трудот, Мајкл Левин, професор по Биологија на „Тафтс“.

Наместо тоа, за новите „биолошки роботи“ се зема ткиво од дишниот систем, од неименуван човек-дарител, и секој антробот расте од една клетка. Но, научникот вели дека, додека се „живи“, антроботите не се целосни организми, бидејќи немаат целосен животен циклус.

- Тоа нѐ потсетува на оние „сурово двострани“ категории со коишто се служиме - дали е тоа робот, дали е животно, дали е машина? Ваквите работи веќе не ни служат многу добро. Треба да го надминеме тоа, рече Левин.

Тој смета дека антроботите не преставуваат и не предизвикуваат никакви етички, морални или безбедносни грижи.

- Тие имаат многу ограничена средина во којашто живеат, така што не постои можност некако да излезат или да живеат вон лабораторијата. Не можат да живеат надвор од таа многу специфична средина. Тие (антроботи) имаат природен животен век, па по неколку седмици, едноставно, непречено се биоразградуваат, објаснува научникот.

Величината (ширина и должина) на еден антробот може да биде од 30 до 500 микрометри.  си/

Фото: Јутјуб

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан