• недела, 22 декември 2024

Ангелов домаќин на делегација на Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA)

Ангелов домаќин на делегација на Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA)

Скопје, 4 декември 2024 (МИА) - Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов денеска беше домаќин на делегација на Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA - „Џајка“), предводена од Ичиро Мимура, заменик на генералниот директор и директор на групацијата за заштита на шумите и природата од главната Дирекција (на JICA) од Токио.

Како што информира ЦУК, на средбата Мимура беше придружуван од страна на неговиот соработник Генја Накамура, исто така од генералната Дирекција од Токио и Чигиру Јамашита и Мана Нагашима од Канцеларијата на Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA) за Балканот, од Белград.

Посетата е во рамки на долгорочната соработка помеѓу ЦУК и Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA) во областа на заштита на шумите од шумски пожари и примена на „Еко-базирани мерки“ (Еко-ДРР) за намалување на ризици од природни непогоди.

- Главните теми на дискусија за време на состанокот беа поврзани со прашања кои се однесуваат на мониторинг на резултатите што се постигнати во изминатите години на меѓусебна соработка, нивната оддржливост и проширување на соработката со останатите земји од регионот на Балканот. На крајот од средбата беше потврден интересот од продолжување на заедничката соработка во наредниот период со цел да се обезбеди одржливоста на претходните проектни резултати и да се обезбеди подобрување, се вели во соопштението. 

На средбата во ЦУК, покрај Ангелов беа и раководителот на Секторот за аналитика, процени и стратешко планирање во ЦУК Стевко Стефаноски и техничкиот координатор на Агенцијата во Скопје, Сашо Димитров.

За време на посетата на ЦУК и нашата држава, по средбата бил остварен и теренски увид на резултатите од проектот за примена на „Еко-базирани решенија за намалување на ризици од катастрофи“ (Еко-ДРР) на локацијата во горниот тек на Радовишка Река во Општина Радовиш и Хидросистемот „Лисиче“ во Општина Чашка. мд/са/

Фото: ЦУК 

Остани поврзан