• понеделник, 23 декември 2024

Ангеловска-Бежоска: Потребно е двојно зголемување на уделот на приватниот сектор во зеленото финансирање

Ангеловска-Бежоска: Потребно е двојно зголемување на уделот на приватниот сектор во зеленото финансирање

Скопје, 16 јули 2024 (МИА) - Потребна е поголема мобилизација на финансиски средства, особено од приватниот сектор, за зелена трансформација, како дел од структурните реформи и за конвергенција на економиите во развој кон ЕУ. Анализите на ММФ покажуваат дека до 2030 година, уделот на приватниот сектор во зеленото финансирање треба да се зголеми од 40 отсто на 80 до 90 отсто кај брзорастечките и економиите во развој. Улогата на централните банки во поддршката на зелената трансформација станува сѐ поизразена во изминатите пет години, вклучително и на Народната банка, којашто ова прашање го разгледува на системски начин поставувајќи го во рамките на своите стратегиски цели.

Ова го порача гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во својата дискусија на Годишниот состанок на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, на која ѝ припаѓа нашата земја, којшто се одржува во Кишињев, Молдавија. На состанокот на Конституенцата учествуваше и вицегувернерката Емилија Нацевска.

Како што информира Народна банка, гувернерката зборуваше на панел-дискусијата на тема „Зошто е важна мобилизацијата на приватниот капитал“, којашто ја отвори главниот економист на Светската банка за Европа и Централна Азија, Ивајло Изворски, со свое излагање. Таа се осврна на доходовниот јаз меѓу нашата и земјите од регионот со економиите во ЕУ, којшто сѐ уште е длабок, како и на ефектите од мобилизацијата на приватниот капитал за остварување на потребните структурни реформи во економиите, особено зелената трансформација.

-Јазот за финансирање на зелените инвестиции е особено голем кај земјите во развој, во нашиот случај се проценува дека е околу 7,7 отсто од БДП. Имајќи предвид дека јавните ресурси се ограничени, особено по скорешните кризи, при зголемена цена на капиталот, потребна е мешавина од повеќе политики за негово надминување, посочува Ангеловска-Бежоска.  

Гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна на улогата на централните банки во зелената трансформација за која поради можните ефекти врз ценовната и финансиската стабилност, има се поголем интерес од централните банки.

Ангеловска-Бежоска нагласи дека Народната банка усвои среднорочна стратегија за утврдување на климатските ризици, којашто се заснова врз претходно спроведена анкета за мапирање на екосистемот на зелените финансии во земјава и со која се поставува рамката за сите активности што ги спроведува нашата централна банка во овој домен. Во рамки на активностите спроведени досега, Народната банка издаде насоки за деловните банки за начинот на вградување на климатските ризици во нивните стратегии и известувања, а беше направена и првична анализа на изложеноста на банките кон овие ризици. За полесно да се следи уделот на зелените кредити во кредитните портфолија на банките, Народната банка започна да прибира и да објавува статистички податоци, т.н. „зелена статистика“, а годинава е објавен и преглед на зелени показатели за полесно следење на напредокот на климатските цели. „Народната банка, за да даде пример, ја заврши Политиката за одржливост.

- Повеќе предизвици се пред нас, како градењето методологија и капацитети за спроведување стрес-тестови поврзани со климатските промени, коишто се особено важни при оцената на ризиците и при соодветното оформување на политиките, изјави гувернерката Ангеловска-Бежоска.

На маргините на состанокот на Конституенцата, гувернерката на Народна банка Ангеловска-Бежоска имаше средби со гувернерите на земјите членки на Холандско-белгиската конституенца и високи претставници на меѓународни финансиски институции. мд/дма/

Фото: Народна банка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан